Компанијата „Мета“ казнета со 265 милиони евра

фото: Dima Solomin на Unsplash

Компанијата „Мета“, во чија сопственост е Фејсбук, доби казна од 265 милиони евра од страна на Комисијата за заштита на податоците на Ирска. Изречената казна се однесува на протекувањето на лични податоци на стотици милиони корисници на социјалната мрежа Фејсбук. За случајот во кој телефонските броеви и електронските адреси на речиси 533 милиони корисници се најдоа на онлајн хакерски форум, ирскиот регулатор покрена истрага во април минатата година.

Според Би-би-си, Фејсбук тогаш рекол дека податоците биле „преземени“ од информации што се достапни во јавноста, а не дека станува збор за злонамерни актери кои ја искористиле ранливоста на алатките на Фејсбук.

Ирската комисија, сепак, утврдила дека „Мета“ го прекршила членот 25 од правилата на Општата регулатива за заштита на податоци.

„Бидејќи овој сет на податоци беше толку голем, бидејќи имаше претходни случаи на преземања од платформата, каде што проблемите можеа да се идентификуваат понавремено, на крајот воведовме значајна санцкија“, рече комесарот за заштита на податоци Хелен Диксон.

Покрај паричната казна од 265 милиони евра, „Мета“ доби опомена и наредба за усогласување на обработката на податоците со правилата преку низа активности.

Од „Мета“ изјавија дека заштитата на приватноста и безбедноста на податоците на луѓето е од фундаментално значење за функционирање на бизнисот.

„Неовластеното преземање податоци е неприфатливо и спротивно на нашите правила и ќе продолжиме да работиме со нашите колеги на овој предизвик во индустријата. Внимателно ја разгледуваме оваа одлука“, изјавиле од „Мета“, а пренесува Би-би-си.

Во септември компанијата поднесе жалба против казната од 405 милиони евра која Ирската комисија за заштита на податоците му ја наметна на Инстаграм. Ова претставува најголемата казна изречена досега од ова тело, а беше издадена поради прекршувања на правилата за начинот на обработка на податоците за децата.