„Кока-кола“ си постави цел една четвртина од шишињата до 2030 година да постанат реупотребливи

Една од кампањите што ги водеше Гринпис против компанијата „Кока-Кола“; Photo by John Cameron on Unsplash

По бројните критики на еколошките организации ширум светот, компанијата „Кока-Кола“ соопшти дека си поставиле цел – минимум 25 отсто од нејзините пакувања до 2030 година да постанат реупотребливи и еколошки, јавува Ројтерс.

Ова значи дека барем четвртина од сите пакувања на пијалоците ќе бидат изработени од повратна стаклена и пластична амбалажа. Притоа, „Кока-Кола“ до 2030 година планира 50 отсто од пакувањето што се дистрибуира до потрошувачите да биде изработено од рециклиран материјал. Истовремено, до 2030 година американската компанија се обврзува дека ќе го прибере и рециклира секое шише или лименка што ќе се продаде.

Ова значи дека компанијата сериозно планира да влезе во циркуларната економија, односно да се вклучи во процесот на селекција и третман на отпадот којшто го создава.

Инаку, Ројтерс го пренесува и заклучокот наведен во годишниот извештај на организацијата „Ослободи се од пластиката“, кој вели дека „Кока-кола“ четврта година по ред е најголемиот пластичен загадувач во светот.

Оваа организација била вклучена во чистење во 45 земји ширум светот, при што открила речиси 20.000 парчиња ѓубре од производите на „Кока-кола“, што е повеќе од отпадот од производите од „ПепсиКо“ и „Унилевер ПЛЦ“ заедно.