Основци од Скопје, Штип, Тетово и Битола учеа како да рециклираат пластични шишиња за 3Д печатење

Предавањата се организирани од „Ино Фаб Лаб“, првото студио за производство и прототипирање во државата

Фото: Ино Фаб Лаб

Деца од основни училишта во Скопје, Штип, Тетово и Битола денеска учеа за 3Д моделирање, како и за тоа како може да се рециклираат пластични шишиња за да  ги користат како суровина за 3Д модели. Предавањата се дел од проектот „Дигитален пластичен отпад“, реализиран од „Ино Фаб Лаб“.

„Со првите две предавања во основните училишта ’Димитар Влахов‘ во
Штип и ’Гоце Делчев‘ во Тетово го започнуваме проектот ’Дигитален пластичен
отпад‘ кој веруваме дека ќе им даде практични вештини и знаења“, наведено е во соопштението.

Основците учеа за процесот на шредирање и екструзија на пластичните шишиња со кој се произведува филамент за 3Д печатење. Тие учеа и за современите 3Д технологии, како што се 3Д печатење, 3Д скенирање и креирање „g-кодови“.

Инаку, „Ино Фаб Лаб“ е правата лабораторија за производство и прототпирање во Република Северна Македонија и е сместена во Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Таа располага со 3Д печатари, 3Д скенер, ЦНЦ машина, шредери, екструдери. На младите на возраст од 15 до 29 години им нуди можност да развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип, предводени од ментори.