Бесплатни менструални производи на ФЕИТ, студентите сами испечатиле кутии со 3Д принтер

Поради немањето на соодветен производител на кутии во кои би биле складирани хигиенските влошки, студентите сами ги дизајнирале и испечатиле, користејќи го 3Д принтерот на нивниот факултет

Фото: Мета.мк

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е успешно реализирана иницијатива за пристап до бесплатни менструални производи во рамките на факултетот. Таа беше покрената и целосно извршена од Факултетското студентско собрание (ФСС) на ФЕИТ во текот на изминатата година, со техничка и финансиска поддршка од асистентите и деканатот на факултетот. 

„Нешто повеќе од 50% од студентското тело на ФЕИТ се жени и за нив менструалниот циклус е секојдневен физиолошки процес. Земајќи предвид дека голем дел од денот го поминуваме во факултетските простории, потребата за менструални производи е онолку основна колку и таа за тоалетна хартија, сапун и средство за дезинфекција. Нашата иницијатива не се роди во некој еурека момент“, објаснува Анастасија Марковска, претседателката на ФСС-ФЕИТ.

Емилија Митовска, претседателката на комисијата за образование и наука на ФСС-ФЕИТ потенцира дека студентките спаѓаат во една од најпогодените категории на менструалната сиромаштија.

Марковска потоа ја сугерирала идејата пред Комисијата за образование и наука при ФСС-ФЕИТ. Понатаму, деканот веднаш ја поддржал идејата, со тоа што ја оставил имплементацијата на иницијативата целосно во рацете на студентското собрание.

Претставниците на Факултетското студентско собрание иницијално имале проблеми при наоѓање контакти од македонски фирми за менструални производи онлајн, поради недостиг на потребните контактни информации од страна на компаниите. Проблемот го решиле со тоа што се јавувале на телефонските броеви испечатени на самите производи, по што добиле две понуди. Тие одбрале една, ја презентирале пред Одделот за јавни набавки во деканатот и таа била прифатена.

Вториот проблем со кој се соочиле студентите бил набавувањето на соодветни диспенсери за влошките. Поради неможноста за набавување на таков уред во државата, увезувањето на истиот од странство ќе испаднало прескапо. Нивното решение било да дизајнираат и испечатат свои диспанзери, користејќи ги ново набавените 3Д принтери на факултетот.

„Од технички аспект успеавме да го решиме проблемот на диспанзерите со воспоставувањето на нашата нова фабрика за производство, ФабЛаб, каде што обезбедивме 3Д принтери. Во рамките на курсевите за работа во ФабЛаб-от на ФЕИТ, студентите добија практични знаења и успеаја сами да ги дизајнираат и проектираат овие држачи“, рече проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Фото: Мета.мк

За изработката на моделот соодветен за 3Д печатач бил одговорен студентот Владимир Китановски.

„Прво, одбравме со кои санитарни влошки ќе работиме. Воочивме кои треба да бидат димензиите, како и други инженерски карактеристики. По неколку итерации на дизајнирање и на прецртување, бевме задоволни со нашиот дизајн и почнавме да правиме сериско производство,“ објаснува Китановски.

Скриншот од софтверот во кој бил дизајниран диспанзерот / Фото: Владимир Китановски, објавено со дозвола

Но, од ФСС потенцираат дека сè уште не е во целост завршен планот. Засега се поставени само два диспанзери, а целат да има диспанзер во секој тоалет на факултетот. 

Инаку, на 11 јули годинава од страна на владата беше утврден текстот за намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто за прометот со менструални производи. Но, сè уште не е исполнета иницијативата на Град Скопје за снабдувањето на средните училишта со бесплатни менструални производи, за која беа изгласани средства од висина на 2.000.000 денари. 

„Рецептов што го давам не е за да се пофалам колку многу сме работеле на иницијативата, туку за да го доловам процесот и да им заштедам време поминато во мислење на сите коишто би сакале да покренат слична иницијатива во својата институција, било да е образовна или не. Ова не е скапа работа, но е исклучително важна, не само поради алармантните статистики за менструалната сиромаштија во Македонија, туку затоа што е апсурдно во 21 век ширум светот да молиме за пристап до елементарна хигиена“, заклучува Марковска.