fbpx

Мета факт: Град Скопје не обезбеди бесплатни менструални производи за средните училишта

-

На крајот на декември минатата година Советот на Град Скопје, по предлог амандман предложен од страна на советничката Теодора Крстевска, изгласа да се одвојат 2.000.000 денари од буџетот на градот кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни менструални производи за средните училишта.

„Амандманите не изискуваа огромни финансиски импликации и беа исклучиво во служба на граѓаните. Колку и да ме разочарува фактот што мнозинството советници се водат исклучиво по партиска идологија, сепак се радувам што успеав да се изборам и да обезбедам средства во висина од 2.000.000 денари кои ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни хигиенски менструални производи за девојчињата во средните училишта во годишните јавни набавки за хигиенски производи и со тоа ќе се ублажи проблемот со менструалната сиромаштија“, напиша Крстевска на својот Фејсбук профил.

Средношколките требаше да ги добијат неопходните средства за одржување менструална хигиена уште во јануари оваа година. Но, 2022 година веќе завршува, а ученичките сè уште сами си купуваат влошки или други средства кога имаат менструација.

Советничката Теодора Крстевска со која редакцијата на Мета.мк разговараше, вели дека не се знае од која причина оваа одлука сè уште не е реализирана.

“Парите останаа заглавени во градскиот буџет. Јас секој месец се јавувам во секторот за образование и од таму велат дека работат на стратегии и на план како да спроведат“, рече Крстевска и изрази сомнеж дека Градот ги пренаменил парите, но не се знае за што.

Конкретен одговор зошто одлуката не се спроведува, дали парите се пренаменети и за што, до моментот на објавување на оваа проверка, Мета.мк не доби од Град Скопје иако испративме прашања до секторот за комуникации со медиумите. Исто така, не одговорија ниту од Секторот за образование на Град Скопје.

Активистката за заштита на женските права од Тиит Инк, Јана Коцевска уште во јуни годинава, во разговор со Мета.мк истакна дека институциите ветуваат, но не исполнуваат.

„Ние немаме видено како се спроведуваа таа политика, како се имплементира. Кои се производите коишто се набавуваат“, рече тогаш Коцевска истакнувајќи дека за да се обезбедат бесплатни влошки во училиштата државата би требало да одвои само 0,08 отсто од буџетот.

Мета.мк испрати прашања до Град Скопје и за време на месецот кога низ светот се одбележува важноста за менструална хигиена. Но, одговор не добивме ни тогаш.

Одлуката да се одвојат средства за бесплатни влошки за средношколките следеше по по студијата „Менструална правда“ која лани во декември ја објавија активистките за заштита на женските права од „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција, а според која 81 отсто од средношколките сметаат дека во училиштата треба да има бесплатни производи за менструална хигиена.

ИЗВОРИ: 

Објава на Теодора Крстевска (29 декември 2021) – проверено на 27.12.2022 г.

Од јануари ученичките во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатни менструални производи – (30.12.2021) вест на Мета.мк – проверено на 27.12.2022 г.

Менструалната хигиена не е привилегија – институциите ветуваат, но не исполнуваат – вест на Мета.мк (02.06.2022) – проверено на 27.12.2022 г.

Студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија – Менструална правда – „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ (12.11.2021) -проверено на 27.12.2022 г.

Треба интерсекторска соработка за да се надмине менструалната сиромаштија вест на Мета.мк (12.11.2021) -проверено на 27.12.2022 г.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...