fbpx

Кога и дали Русија навистина се врати меѓу десетте најголеми економии во светот?

Конечно, користејќи ги истите податоци од Светска банка, ММФ, но и од ОЕЦД, Европската унија во април објави заклучок дека руската економија сепак оди надолу поради санкциите

-

Дел од медиумите на македонски јазик во првиот дел од јуни јавија дека Русија за првпат по 2014 година се вратила во топ десет економии во светот. Во вестите што се нижеа на порталите ретко имаше извор. Но, по проверка на податоците Вистиномер може да заклучи дека македонската јавност, преку преземена вест од српски медиуми, за оваа новина е известена еден месец подоцна од оригиналната објава на РИА Новости, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На 10, 11 и 12.06.2023 во македонскиот медиумски простор се пренесуваше, понекогаш од исти портали и трипати, веста дека Русија повторно се вратила на листата на 10-те најголеми економии во светот.

Врз основа на резултатите од минатата година, Русија се врати во првите десет најголеми економии во светот, што се случи за прв пат по осум години, покажуваат податоците на Светската банка и националните статистички служби.

Во повеќето објави, вака изгледаше главата на веста. Исто така, во дел од објавите не беше цитиран или наведен изворот на веста, т.е. оригиналното потекло. Потоа, во следните два дена, веста се цитираше и преку еден регионалeн портал SEEbiz.eu, како и Bizlife.rs.

Фото: скриншот од дел од објавите на Тајм.мк

На сајтот на српска Политика навистина може да се најде веста во форма каква што ја објавија македонските медиуми, но долу под текстот пишуваше и дека изворот на веста е Спутник, а потоа и тој извор беше избришан од Политика.

Фото: Скриншот од дел од веб сајтот на Политика

Во обид детално да се провери веста, се доаѓа до сознание дека оригиналот на оваа вест е на агенцијата РИА Новости и дека станува збор за вест објавена уште во почетокот на мај! Оригиналната вест е од 07.05.2023 се уште ја има на сајтот на РИА Новости, како кратка вест.

Фото: скриншот од дел од објавата на РИА Новости

Потоа ја пренесуваат повеќе руски и пред сè азиски портали, а тука ќе наведеме еден пример и од руските. Имено, еден месец и два дена порано од Политика и од македонските портали, на 08.05.2023 г., веста е објавена и на руската приватна агенција Ореанда њуз (Oreanda-news), од Санкт Петерсбург. Со тоа што, освен основната вест од РИА Новости, во текстот има вметнато и изјава на експерт по економија од од економски институт при Руската академија на науки (професор Константин Адрианов), кој ги објаснува резултатите како логични и нормални и кои се должат пред сè на огромниот пораст на цените на суровините и енергенсите, а сето тоа предизвикано од западните санкции кон Русија.

 

Дали Русија навистина има 2,3 трилиони долари во БДП за 2022 година?

На почетокот на текстот во оригиналната вест се вели дека Русија се вратила на листата 10 најголеми, на 8 место со остварен БДП за 2022 година од 2,3 трилиони долари и зад себе ги оставила Канада и Италија, „според податоци од Светска банка и на национални статистички служби“. На крајот на веста на РИА Новости се наведува следниот текст:

Рангирањето на земјите по БДП беше пресметано врз основа на најновите годишни или квартални податоци обезбедени од националните статистички заводи во национални валути и, доколку е потребно, повторно пресметано во долари по просечниот девизен курс за соодветниот период. За 2021 година користени се податоци на Светска банка (РИА Новости на 07.05.2023).

Во обид да се провери точноста на податоците проверивме три релевантни извори и, се чини, дека сепак, не можат да се потврдат бројките наведени во веста на РИА Новости. Првиот беше токму Светска банка.

Според последните податоци на Светска банка во нивната база на отворени податоци се наоѓаат бројките за 2021 година, при што Русија тогаш имала произведено добра и услуги во вредност од 1.778 трилиони долари.

Фото: скриншот од дел од податоците на сајтот на СБ

Што вели централната статистика на Русија?

Според руската Федерална служба за државна статистика, во моментот кога ги проверуваме податоците (14-15.06.), последниот податок е од почетокот на април, поточно од 07.04. кога биле објавени консолидирани податоци за првите три квартали и првична проценка за последниот квартал од 2022 година за остварениот БДП. Според овој документ – Коментар на податоците, БДП на РФ всушност претрпел намалување во вкупниот обем од 2,1 отсто и РФ во 2022 година произвела добра и услуги од 153435,2 (илјади-н.з.) млрд. рубљи или претворено во американски долари според курсот на денот на проверката (1 рубља=0,012 долари или 84 рубљи за долар), изнесува 1830.5 милијарди долари или нешто над 1,83 трилиони долари.

Втората проценка на БДП за 2022 година во апсолутна вредност изнесува 153435,2 илјади милијарди рубљи, физичкиот волуменски индекс на БДП во однос на 2021 година е 97,9%, индексот на дефлатор во однос на на цените од 2021 година – 115,8% се наведува во коментарите на руската федерална статистика од 07.04.2023.

Фото: скриншот од воведниот дел на Коментарите на статистичките аналитичари за БДП-то на РФ за 2022

 

Според ММФ – 2,2 трилиони долари во 2022 г.

Најблиску до потврда на податоците на РИА се податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), исто така, од април. Според Светскиот економски преглед/перспективи на ММФ од април 2023 година, проценката за раст на руската економија изнесува 0,7 отсто, додека 2022 година ја завршила со минус 2,1 отсто. Ова се совпаѓа со внатрешните податоци од руската статистика во кои се наведува дека физички по обем БДП-то е 97,9% во однос на БДП-то од 2021 г.

Според истиот извор, проценката за БДП-то на Русија врз основа на тековни цени изразено во трилиони долари за 2022 година, изнесува 2,22 трилиони, а за 2023 г. треба да изнесува 2.06 трилиони долари.

Но, дали станува збор за финални податоци за 2022 година или само за последна проценка на националните статистички служби не може да се потврди, зашто и документот на ММФ и на руската национална служба се објавени во април 2023 г., а на интернет не можевме да најдеме дали има понови консолидирани податоци, со оглед на фактот што текстот на РИА Новости е од 7.мај.

Инаку ако се користат проекциите само на ММФ, јавноста требаше да смета дека Русија влегла во 10-те најголеми економии уште во јануари, кога тој податок беше објавен во рамките на самитот во Давос. На годинешното издание 2023  беше презентирана видео публикација, според која Русија тогаш е на 9-то место со БДП од 2,133 трилиони американски долари. Но, нагласено е дека оваа листа е правена според проекцијата на ММФ од октомври 2022.

Конечно, користејќи ги истите податоци од Светска банка, ММФ, но и од ОЕЦД, Европската унија во април објави заклучок дека руската економија сепак оди надолу поради санкциите. Податоците може да се видат на линкот ТУКА.

***

Севкупно земено, според пребарување преку интернет, „Вистиномер“ не може ниту да ја потврди, ниту да ја демантира вистинитоста на податоците од веста на РИА Новости од почетокот на мај. Токму затоа, тука се презентирани бројки од повеќе извори, меѓу кои и од руската федерална статистика. Но, она што може да се потврди, е фактот дека дел од македонските медиуми, преку српски медиуми веста од 7 мај ја објавуваат на 10 јуни како нова вест.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...