fbpx

Кибер отпорноста почнува со лична дигитална „хигиена“

Илија Жупаноски, соработник на премирот за дигитални комуникации обелодени дека до Владата пред неколку недели стигнала иницијатива од група домашни организации со конкретни препораки за справување со дезинформациите

-

Кога се зборува за кибер безбедноста, односно справувањето со кибер нападите и справувањето со дезинформациите, мерките за безбедност треба почнат со она што се нарекува основна лична дигитална хигиена, а потоа да се оди повисоко. Тоа подразбира, за секој поединец – ставете заштита, заклучување на телефонот или лаптопот; редовно ажурирајте го софтверот, инсталирајте заштитен софтвер на уредите; не отворајте „непознати“ или сомнителни линкови, е-писма или прикачени документи. Оттука почнува сѐ.

Со таква порака до граѓаните, од денешната дискусија „Како да се изгради отпорност на хибридна војна?“ во рамките на меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ се обрати Мерл Маигре, директорка на програмата за компјутерска безбедност, Академија за е-владеење од Естонија.

Освен неа, на темата градење кибер отпорност дискутираа и Александар Ацев, раководител на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD CIRT, при Агенцијата за електронски комуникации, како и Илија Жупаноски, соработник за дигитални комуникации на Канцеларијата на македонскиот премиер.

Жупаноски, нагласувајќи дека во последно време општеството се соочува со сѐ посериозни предизвици од хибридно војување, вклучително и наплив на дезинформации, со цел остварување политичко, безбедносно или економско влијание. Тој нагласи дека ваквите неконвенционални мерки имаат цел пред сѐ да ја поткопаат демократијата и да предизвикаат недоверба на граѓаните во власта и во медиумите, како да рашират паника, како што беше случајот со лажните дојави за поставени бомби во училишта и во трговски центри. Жупаноски исто така нагласи дека крајно нужно е градење кибер отпорност, со акцент на институциите.

Филип Стојановски и Илија Жупаноски. Фото: Мета.мк

„Дезинформациите кај нас почнаа засилено пред референдумот за Преспанскиот договор, потоа повторно засилено пред влезот во НАТО, па во Ковид-кризата, кога многу граѓани поради дезинформациите не се вакцинираа и го загрозија своето здравје, па продолжија и во врска со Францускиот предлог“, одбележа тој.

Одбележувајќи ги преземените мерки во земјава за справување со хибридните закани и кибер нападите, советникот на премиерот нагласи дека институционална мерка е преземена уште во 2019 година, а ќе продолжи наскоро со сериозен сеопифатен чекор инициран од невладиниот сектор.

„Пред неколку недели до Владата стигна иницијатива од група домашни организации со конкретни препораки за справување со дезинформациите и тоа владата го прифати како добра основа, па очекуваме наскоро да се седне заеднички на маса и ќе се креира национален план, за да се опфатат сите чинители во справувањето со овој проблем“ обелодени Жупаноски.

Презентирајќи ги мерките што Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD CIRT ги презема, како и обуките што ги организира за службеници од државната управа, со огромна помош од естонската Академија за е-владеење, Ацев нагласи дека заканите од хибридните напади бараат организирани мерки и тесна соработка на сите чинители, без разлика дали станува збор за државни институции, граѓански организации и граѓаните.

„Задолжителното пријавување на инцидентите, од граѓаните и од разните тела е основниот услов за тие да добијат посакувана завршница“, порача раководителот на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, појаснувајќи дека на нивната веб-страница се дадени сите информации за пријавување на инцидентите.

Проблемот со хибридните напади и со дезинформациите не е нов, туку датира поодамна, одбележаа и Маигре од естонската е-академија и Филип Стојановски, модераторот на дискусијата, инаку директор во Фондацијата Метаморфозис, што ја организираше конференцијата за кибер отпорноста во рамките на проектот ИЦЕДА.

Хибридната војна бара заеднички одбранбени активности

Стојановски, осврнувајќи се на проблемот со хибридните закани и дезинформации одбележа дека на овие простори одамна се зборувало за специјална војна и дека проблемот беше и формално опфатен во рамките на предметот Општинародна одбрана во училиштата.

Мерл Маигре, директорка на програмата за компјутерска безбедност, Академија за е-владеење од Естонија | Фото: Мета.мк

Маигре, потсетувајќи само на последните нешто повеќе од век, како хибридни напади ги спомена специјалните операции на руските служби против Естонија, како комбинација на регулатна и нерегуларна војна, која потоа ќе доведе до анектирање на земјата од страна на Советскиот сојуз, но се осврна и на „државниот удар“ на Авганистан во 1979 година, извршен од 700 советски војници облечени во авганистански униформи.

Навраќајќи се на актуелната криза, таа наведе дека нападите од руска страна врз нејзината земја продолжуваат и подоцна, но ескалираат од почетокот на инвазијата на Украина, со посебно силни атаци во април и август минатата година.

„Само пример, ако во просек минатата година имаше во просек 12 ДДОС напади на државни институции на Естонија месечнон, во април и август 2022 имаше по 65 напади месечно“, нагласи таа.

Осврнувајќи се на мерките што треба да се преземат, таа нагласи дека прво е потребно фокусирање на препознавање на дигиталните напади, но и издигнување на тој проблем на меѓународно ниво, но основно и со вклучување на приватниот сектор што има знаење и капацитет да им помогне на државните органи во борбата со кибер-заканите и дезинформациите.

Истовремено, како можеби главна мерка за подобрување на кибер отпорноста, таа ја спомена медиумската писменост уште од мали нозе во училиштата, за од детски години граѓаните да се научат да ги препознаваат опасностите и нападите во дигиталната сфера.

Модераторот Стојановски на тоа потсети дека во земјава неколку години се работи на наставните програми за медиумска писменост преку мрежата за медиумска писменост чиј дел е и фондацијата „Метаморфозис“, но и државни институции и медиуми.

Фото: Мета.мк

Меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ продолжува со уште две сесии денеска, во хотелот „Мериот“ во Скопја и онлајн, преку платформата „Зум“. Директен пренос од конференцијата се врши и на Фејсбук страницата на проектот.

Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, воден од Фондација „Метаморфозис“, а кофинансиран од Европската Унија. Целта е да се зголеми ангажирањето на граѓаните во креирањето на дигиталната агенда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...