Денеска е потпишан договорот за доделување на 700.000 евра неповратни средства како техничка помош на проектната единица на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП), со што започнува имплементацијата на регионалниот проект за управување со отпад во земјава. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и директорот на Европската банка за обнова и развој за Република Северна Македонија Анди Аранитаси го потпишаа договор со кој Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA) преку ЕБОР донираше неповратни средства за овој проект, информираат од МЖССП.
Парите се наменети за целите на финансирање на консултантски услуги, како техничка помош на проектната единица на МЖСПП во постапката на реализација на регионалниот проект за цврст отпад, за кој државата доби заем од ЕБОР во висина од 55 милиони евра.
„Заемот ќе се реализира во две транши, за основање и развој на регионални системи за управување со отпад во пет административни региони во земјата. Државниот заем е доделен на Министерството за финансии, додека Министерството за животна средина и просторно планирање е субјект кој е одговорен за спроведувањето на проектот“, стои во соопштението од МЖССП.
Овој проект е првиот национален потфат во секторот управување со цврст отпад во Северна Македонија и е важен чекор кон одржливо решение за услугите за управување со цврст отпад.
Негова реализација значи воведување услуги за комунален цврст отпад во согласност со соодветните стандарди на ЕУ во секторот, што ќе опфатата популација од повеќе од еден милион жители во пет административни региони и 48 општини во државата.
Како таков, проектот е од единствена национална, регионална и еколошка важност за Северна Македонија и е идентификуван како национален приоритет во контекст на пристапувањето во ЕУ.
За директно искористување на шведскиот грант истовремено денеска се потпиша и договор со консултантската куќа SUEZ Consulting (SAFEGE) од Франција, која настапува како конзорциум со ЕПЕМ од Грција, за обезбедување на консултантските услуги избрана согласно правилата за набавки на ЕБОР.
Задачата на консултантот SUEZ Consulting (SAFEGE) е да даде помош на проектната единица во МЖСПП, одговорна за реализација на заемот, во подготовка на документација за набавки, тендери и спроведување на договори, помош за усогласеност и обврски за известување според финансиските документи и поддршка за имплементација на документите поврзани со животната средина и социјалниот момент на проектот.