fbpx

Очајни 10 отсто од активностите за борба против корупцијата биле спроведени лани

Евроамбасадорот Гир го искритикува Собранието на РСМ поради тоа што не расправало до денешен ден за претходниот Годишен извештај за спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021 година

-

Наместо да има унапредување на мерките и активностите за надминување на ризичните фактори кои ја поттикнуваат корупцијата во државата, лани имало очајно исполнување на ваквите активности кои водат кон борбата против корупцијата. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска изјави дека 10 отсто од активностите предвидени за 2022 година се спроведени, а како споредба, во 2021 година биле спроведени 20 отсто од активностите.

Таа зборуваше на Годишната конференција за оценка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025 година и ги спомена резултатите од Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 изготвен за 2022 година од страна на ДКСК.

Ивановска во своето излагање рече дека корупцијата останува наше секојдневие, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и интегритет, ја прифаќаат како полесен начин за постигнување на своите цели.

„Борбата со корупцијата не е лесна, но искуствата покажуваат дека со системска превенција и општествено организирана борба можеме долгорочно да постигнеме успех“, рече Ивановска.

ДКСК во рамките на своите надлежности донела петгодишна Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со Акциски план за нејзино спроведување, кој за првпат бил усвоен од Собранието во април 2021 година, со што станува збор за обврзувачки документ кој институциите треба да го реализираат.

Претседателката на Антикорупциската комисија рече дека резултатите од проценката на ризиците за корупција ги извадиле на површина најголемите ризични фактори, кои укажуваат на корупција во државата, како и областите и секторите каде корупцијата е најмногу изразена.

Во групата најризични фактори кои ја поттикнуваат корупцијата во државата, Ивановска ги спомена силното политичко влијание, неказнивоста, недоволната транспарентност, недоволната дигитализација, злоупотребата на дискрециските овластувања и законската регулатива која што остава простор за злоупотреби.

За надминување на овие ризични фактори, институциите самите истакнале 54 проблеми и предложиле 111 мерки и 191 активност и самите ги кажале рокови за нивно исполнување.

Мерките и активностите биле насочени во насока на исполнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и тоа преку: исполнување на нивото на политичката одговорност, совесно управување со политичкото влијание и спречување на политичко влијание во работата на независните тела и во постапките кои се регулирани со закон, обезбедување на интегритет и транспарентност при вработувањето и политиките за човечки ресурси базирано на систем на вредности и квалитет.

Институциите се обврзале и на спроведување мерки и активности за дигитализација на сите сектори во јавните служби, намалување на корупцијата во јавните набавки и во процесот на доделување на субвенции и грантови, зајакнување на посветеноста на органите, подигнување на јавната свест и спроведување на антикорупциска едукација и вклучување на граѓанското општество и медиумите во борбата против корупцијата.

 

ДКСК незадоволна од Собранието

Претседателката на Антикорупциската комисија, Ивановска изјави дека ДКСК по втор пат подготвува Годишен извештај, во кој се содржани резултати од спроведените активности, според кои само 10 отсто од активностите предвидени за во 2022 година биле спроведени. За споредба, во 2021 година биле спроведени 20 отсто од планираните активности, рече таа.

Таа упати критика и кон Собранието, бидејќи годишниот план за спроведување на Националната стратегија за 2022 година и понатаму не е разгледан од страна на пратениците на собраниска седница.

Билјана Ивановска рече дека причината за ваквите слаби резултати со неспроведување на активностите од страна на институциите ја гледаат во недоволната посветеност на институциите за навремено извршување на доделените активности, но и поради дисконтинуитет во работењето, чести промени на раководната структура и недостиг на професионална администрација како резултат на политичките вработувања.

ДКСК и во најновиот Годишен извештај за 2022 година известува за генералните препораки, коишто ги дале и во 2021 година. Притоа, антикорупционерите укажуваат дека неопходно е да се постави силен механизам за контрола и за институционална одговорност за реализација на мерките, да се интензивираат активностите во Собранието во насока на зголемена отчетност, одговорност и транспарентност на носителите на јавните функции во извршната власт, кои се задолжени за исполнување на активностите од стратегијата. Исто така, институциите треба да создадат ефективен систем за следење на степенот за реализација на активностите, да се обезбедат средства за зајакнување на капацитетот на ДКСК коишто ќе помогнат во следењето на реализација на Националната стратегија.

Претседателката на ДКСК рече дека во согласност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси, треба да се изврши измена и дополнување на Националната стратегија со важност до 2025 година во насока на нејзино ажурирање, прилагодување на мерките и додавање на нови области, мерки и активности за спроведување.

 

Сѐ почнува со поединечната одговорност

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната Годишна конференција во излагањето се насочи кон поединечната одговорност, велејќи дека системот и општеството го гради индивидуата, а главните столбови на добро владеење не се обврска на само на еден човек, влада или институција.

„Ако се обидуваме да ја најдеме одговорноста кај некој друг, а не кај нас самите, ние нема да имаме резултат во антикорупциската борба и тоа е пораката која што треба сите да ја праќаме“, изјави вицепремиерката Грковска.

Таа во својот говор рече дека игнорирањето на кој било релевантен извештај не смее да биде опција на ниту една институција, и тоа е причината зошто воспоставиле одлична соработка со Државниот завод за ревизија (ДЗР), затоа што сметаат дека професионалните наоди што ги даваат треба да бидат сериозно укажување за институциите.

Вицепремиерката Грковска рече дека институциите се обврзани да ги направат Акциските планови врз основа на извештаите на ДЗР и да ги имплементираат. Таа рече дека е задоволна што во последниот извештај на ДКСК за минатата година е нотиран прилично сериозен напредок во степенот на реализација на препораките на ДЗР.

Грковска спомена дека и со поддршка на УСАИД, минатата година спровеле обуки за Етичкиот кодекс, со кои биле опфатени над 140 носители на функции и дополнително биле спроведени тестови за интегритет за повеќе од 120 функционери. Таа се заблагодари на САД поради тоа што продолжуваат со поддршката што ја даваат на нејзиниот кабинет во спроведување на антикорупциски механизми. Ќе се воведат обуки за интегритет и антикорупција и кај останатите институции, како што се Царината и други институции, рече Грковска.

Сепак, вицепремиерката како најголем проблем во борбата против корупцијата ја спомена неказнивноста, фактот дека луѓето не можат да видат казнивост заради нечие незаконско и коруптивно однесување, што го дерогира и го разорува системот од внатре.

„Непостоењето на казнивост буквално ни ја разорува државата од внатре и затоа сметам дека има толкава недоверба во системот, во државата и во институциите“ изјави Грковска.

Антикорупциската борба е систем на врзани садови, изјави Грковска, и не можеме да кажеме дека една институција е успешна, ако другата потфрли. Таа ја спомена довербата од 4 отсто во правосудниот систем, додавајќи дека тоа е доволно да ја опише оваа состојба и да покаже дека само со елиминирање на неказнивоста можеме да покажеме успех во борбата против корупцијата.

 

Гир со критики за Собранието и судството

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир во своето обраќање на денешната Годишна конференција го повтори кажаното од претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. И тој спомена дека само 10 отсто од активностите за намалување ризичните фактори кои ја поттикнуваат корупцијата во државата, се целосно реализирани од институциите, што е половина од процентот во 2021 година, што самиот не бил охрабрувачка бројка.

Гир го искритикува и Собранието, поради тоа што не расправало до денешен ден за претходниот Годишен извештај за спроведувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој се однесува на 2021 година. Евроамбасадорот порача дека ваквото однесување на пратениците не е охрабрувачко, додавајќи дека потребно е зајакнување на рамката за борба против корупција и дека е клучно власта заедно со опозицијата да се здружат во донесување на вакви мерки.

Тој додаде дека министерствата, локалните самоуправи и сите други институции во земјава мора да вложат повеќе напори во борбата против корупцијата за спроведување на препораките од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Темпото на спроведување на реформата во делот на човечки ресурси во судовите и обвинителствата е премногу бавна, а потребно е земјава да има независни судови и обвинители кои ќе дејствуваат со интегритет и политички притисоци, порача Гир во своето обраќање.

Евроамбасадорот Дејвид Гир го искритикува и застарувањето на одредени важни судски предмети за кои јавноста е силно заинтересирана и додаде дека консолидирањето на историјата на истраги и кривично гонење, како и осудителни пресуди во случај на тежок и организиран криминал, мора да биде еден од клучните цели.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си. Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа...