fbpx

Израелски демонстранти блокираат хуманитарна помош во Газа

Само девет од 114 камиони кои чекале на граничниот премин Керем Шалом влегле во Газа

-

Стотици израелски демонстранти го блокираа патот на камиони кои носеле хуманитарна помош до Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“. Некои од камионите имале египетски знамиња, а демонстранти вееле израелски знамиња и скандирале против владините мерки за внесување помош во Газа.

Само девет од 114 камиони го поминале граничниот премин Керем Шалом. Некои се пренaсочиле и влегле преку египетскиот премин Рафах, но само 153 камиони влегле во Газа во текот на вчерашниот ден, далеку помалку од просечниот број  во изминатите недели.

„Секогаш е лудо да се помага на непријателот, но посебно е лудо тоа да се прави денес, еден ден откако се убиени 24 наши војници и додека се подготвуваат да пукаат во нашите градови, дури и додека ги држат повеќе од 130 наши заложници“, рекла демонстрантка за „Тајмс оф Израел“, споменувајќи го најсмртоносниот ден за израелската војска од почетокот на конфликтот.

Израел истовремено се соочува со меѓународен притисок да доставува хуманитарна помош, но и внатрешен притисок да се достигнат воени цели и да се ослободат заложниците заробени од Хамас.

Неколку десничарски групи планираат марш следната недела во Ерусалим до израелскиот парламент во знак на протест против помошта за Газа.

„Внесувањето хуманитарна помош е клучна за да се обезбеди меѓународна поддршка. Без неа, со тек на време дури и на нашите добри пријатели би им било тешко да нè поддржат“, изјавил премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху во ноември.

Населението на појасот и пред војната зависеше во голема мерка од хуманитарна помош, што е последица на израелската блокада на Газа. Според истражување на Обединетите нации, 80 отсто од жителите се потпирале на меѓународната помош за храна и основни здравствени услуги.

Во Газа, пак, израелската војска вчера изврши напад врз еден од центрите на агенцијата за хуманитарна помош во Палестина на ОН. Најмалку 12 лица загинале.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...