fbpx

Изјавите на Трамп може да ги загрозат животите на САД и ЕУ, смета Столтенберг

На предизборен митинг во Јужна Каролина во саботата, Трамп изјави дека ќе ја „охрабри“ Русија да нападне кој било од сојузниците на САД во НАТО за кои тој сметал дека не го плаќале својот дел

-

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека секој напад врз западната воена алијанса ќе биде дочекан со „обединет и силен одговор“, откако Доналд Трамп ја покани Русија да ги нападне земјите-членки на алијансата за кои тој смета дека не ги исполнуваат нивните финансиски обврски.

„Секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат меѓусебно ја поткопува целата наша безбедност, вклучително и онаа на САД, и ги става американските и европските сојузници пред зголемен ризик. Очекувам дека, без разлика кој ќе победи на претседателските избори, САД ќе останат силен и посветен сојузник на НАТО“, изјави Столтенберг, а пренесува Гардијан.

На предизборен митинг во Јужна Каролина во саботата, Трамп изјави дека ќе ја „охрабри“ Русија да нападне кој било од сојузниците на САД во НАТО за кои тој сметал дека не го плаќале својот дел.

Трамп тврдеше дека, за време на состанок, на еден од шефовите на држава – членка на НАТО му рекол дека САД под негово водство нема да бранат ниту една земја што е „деликвент“.

„Еден од претседателите на една голема земја стана и рече: ‘Па, господине, ако не платиме, а бидеме нападнати од Русија, ќе нè заштитите ли?’. Јас реков: ‘Не плативте, деликвент сте?’ Не, не би ве заштитил. Всушност, би ги охрабрил да прават што по ѓаволите сакаат. Треба да платите. Треба да си ги платите сметките“, кажа Трамп.

Белата куќа ваквите коментари ги опиша како „ужасни“.

„Поттикнувањето инвазии на нашите најблиски сојузници од убиствените режими е ужасно и ја загрозува американската безбедност, глобалнатта стабилност и домашната економија“, изјави портпаролот на Белата куќа, Ендру Бејтс.

Реакции стигнаа и од Европската унија. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на социјалната мрежа „Х“ напиша дека непромислените изјави за безбедноста и солидарноста на НАТО им служат само на интересите на рускиот претседател Владимир Путин.

„Тие не носат повеќе безбедност или мир во светот. Напротив, тие повторно ја нагласуваат потребата ЕУ итно да ја доразвива својата стратешка автономија и да инвестира во својата одбрана. И да го одржиме нашиот сојуз силен“, напиша Мишел.

Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, за француската телевизија „ЛЦИ“ кажа дека коментарите на Трамп за воените трошоци од страна на членките на НАТО не се нови и дека европските лидери разбираат оти ЕУ треба посебно да ги зајакне сопствените воени трошоци и капацитети за одбрана на суверенитетот.

За изјавата на Трамп во однос на состанок на лидерите на НАТО, Бретон рече дека е неточна.

„Можеби има мал проблем со неговото сеќавање – тоа всушност беше жена претседател, не на земја, туку на Европската унија“, рече Бретон, мислејќи на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и разговорот што таа го имала со Трамп во 2020 година.

Откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, земјите на НАТО се согласија да ги стопираат намалувањата на трошоците што ги направија во Студената војна и да се движат кон трошење на 2 отсто од нивниот БДП за одбрана до 2024 година.

Од 2022 година, НАТО објави дека седум од сегашните 31 земја-членка ја исполнувале таа обврска, за разлика од три земји во 2014 година. Руската инвазија на Украина во 2022 година поттикна дополнителни воени трошоци на некои членки на НАТО.

Трамп: Би ја охрабрил Русија да нападне членка на НАТО која не ги плаќа обврските

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...