Почнаа редиците за налепниците NMK, збунети и граѓаните и вработените во станиците за технички преглед

Во една од станиците за технички преглед во Скопје ни соопштија дека утринава им пристигнале само 100 налепници со ознаката NMK и дека не знаат дали и кога ќе добијат нови

Фото: Мета.мк

Почнаа редиците за налепниците NMK кои македонските граѓани од вечерва на полноќ треба да ги имаат на регистарските таблици на возилата, согласно една од многуте обврски кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

Во една од станиците за технички преглед кои ги посети Мета.мк налепниците во 9 часот изутрина сè уште не беа пристигнати. Таму ни рекоа дека не знаат дали и кога ќе им стигнат новите налепници, бидејќи полицаецот кој работи во станицата доаѓал во 10 часот.

Вработените ни кажаа дека од утрово десетици граѓани се распрашувале за налепниците и сообраќајните дозволи, но, и самите збунети, немаа одговор на низа прашања кои им ги упативме поврзани со поставувањето на налепниците и промената на сообраќајните дозволи. Одговори очекуваа да им стигнат со доаѓањето на вработениот полицаец.

Во друга станица за технички преглед пак, околу 10 часот пристигнаа новите налепници со ознаката NMK. Веднаш настана хаос, односно на исто место каде што се вршат техничките прегледи, почнаа да се лепат и налепници, па се направи долга редица. Дел од граѓаните не знаеја дали треба да ја менуваат сообраќајната дозвола со новото име на државата за да добијат налепница, а дел прашуваа и дали со возачката дозвола на која пишува „Република Македонија“, им следува налепница. Накратко кажано, граѓаните воопшто не беа информирани за тоа како тече процесот.

Фото: Мета.мк

Вработените ни соопштија дека им пристигнале само 100 налепници со ознаката NMK и дека не знаат дали и кога ќе добијат нови.

Фото: Мета.мк

За да се добие налепница, на шалтер се пополнува барање, а треба да се поднесе и сообраќајна и возачка дозвола. Од шалтерот се подигаат налепниците, а потоа надлежните службеници во станицата за технички преглед ги лепат на регистарските таблички. За да се земе налепница NMK, мора да се оди лично, односно не може да се подигнат налепници во име на друг или пак повеќе парчиња.

Министерството за внатрешни работи првично соопшти дека налепниците ќе чинат 50 денари, но потоа беше донесена одлука тие да бидат бесплатни.

Налепниците со ознаката NMK во станиците за технички преглед пристигнаа само 12 часа пред да стапат во сила обврските од Преспанскиот договор, што е вечерва на полноќ.