fbpx

Избори: СДСМ тактизира, ВМРО-ДПМНЕ инсистира, а Хан ќе интервенира

-

Наводно, ниту власта, ниту опозицијата не размислуваат за одложување на изборите по низата прекршувања на роковите од Договорот од Пржино.

Од ВМРО-ДПМНЕ официјално велат дека приоритет на партијата е изборите да се одржат во април, додека од СДСМ сè уште веруваат дека Договорот од Пржинo и покрај сите доцнења нема да пропадне.

– Ние се надеваме дека Договорот од Пржино нема да пропадне и за нас тоа е најважниот документ и најважно е да се спроведе докрај. Заради тоа, ако се создадат услови за кристално чисти избори, ќе ја видат сите граѓани леснотијата со која Груевски и оваа криминална власт ќе заминат по 10 години. Не би сакале да размислуваме дека Договорот од Пржино нема да биде успешен. Ние ќе направиме сè, како и што досега правиме со нашата флексибилност, посветеност и конструктивност, заради вербата во исполнувањето на овој Договор – изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција.

Но, во интервју за „Топ-тема“ на „Телма“, тој рече дека веќе е премногу доцна за да може да се спроведат фер и демократски избори, оставајќи простор тоа да се толкува како најава дека ќе бара поместување на рокот на одржување на изборите.

– Треба да се направи споредба на сите слики од биометриската документација, но МВР нема таков софтвер. За да се вгради тој софтвер, потребни им се најмалку 30 дена. Треба да се направи и споредување на базите со биометриската документација на МВР со граничните премини, КИБС, трансакциски сметки за да се разграничи колку гласачи има во Македонија, а за тоа што ќе остане, да се направи теренска проверка. ДИК треба да избере генерален секретар. Мислите дека сето ова ќе стигне до 24 април, да оформат правен сектор, да се обезбедат технички. Пробиени се роковите за да може да се каже дека во Македонија ќе има кристално чисти избори. Не може да се направи проверката на избирачките списоци. Некој се лаже и се занесува до облаците дека ние ќе дозволиме криминални избори. Ние сме само едната страна која треба да одлучи за изборите, тука се и другите лидери, а тука е и меѓународната заедница што треба да го менаџира процесот – рече Заев.

Премиерот Никола Груевски и пратениците Илија Димовски и Антонио Милошоски неколкупати истакнаа дека одложување на изборите ќе нема.

– Не се разговара за одложување на изборите, наш приоритет е да има избори во април. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ нема никакво доцнење околу роковите предвидени во Договорот од Пржино. Засега најголем проблем е тоа што СДСМ доцни и сè уште ги нема предадено прислушуваните разговори во Специјалното јавно обвинителство – вели Иво Котевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, во колумна напиша дека единствената надеж за Македонија да излезе од оваа криза е предвремените избори да се одложат за барем три до шест месеци. Тој вели дека изборите не би требало да се одржат во април 2016 година, па дури и по цена одложувањето да значи пролонгирање на мандатот на сегашната Влада по 15 јануари како краен рок.

Еврокомесарот за проширување и за добрососедство, Јоханес Хан, испратил писмо до политичките лидери потписници на Договорот од Пржино, во кое ја изразува својата загриженост поради пробивањето на роковите за имплементација на договореното.

Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ укажува дека кусото време за подготовка на изборите ќе се одрази врз способноста на учесниците во изборите да ги завршат обврските од Договорот во Пржино. Од ОБСЕ/ОДИХР препорачуваат да се продолжи ангажманот на набљудувачката мисија за изборите во април.

„Неколкумина соговорници изразија загриженост дека нема доволно консултации во процесот и оти краткорочната рамка пред изборите може негативно да се одрази врз начинот на кој засегнатите во изборите ги толкуваат новите одредби и на нивната способност ефикасно да ги вршат своите функции“, стои во последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, по спроведениот надзор врз подготовките за избори на крајот на минатиот месец.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...