fbpx

Иванов за „То Вима“: Бегалската криза е можност да ги надминеме недоразбирањата

-

Затворањето на Балканската рута и е од корист на Грција, тврди македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во интервју за грчкиот весник „То Вима“. Во интервјуто Иванов упатува остри критики до Грција дека слабо одговара на македонските предлози за подобрување на соработката и комуникацијата меѓу двете страни, а ја обвинува и за проблематично справување со бегалската криза и заштита на границите, а ги отфрла сите тврдења дека Македонија се обидува да ја искористи бегалската криза за да испреговара прием во Европската унија (ЕУ) и НАТО.

Иванов коментира дека самиот факт што Грција дозволила да се формира импровизираниот бегалски камп кај Идомени на границата со Македонија ги охрабрило мигрантите и бегалците да користат илегални начини за преминување на границата, што ја става во директна опасност, според него, македонската национална безбедност. Иванов потенцира дека и по затворањето на Балканската рута и по трагедијата со масовниот обид за илегален премин на бегалците преку Сува река секоја вечер се регистрираат над 100 обиди за илегален премин на мигранти и бегалци.

„По се изгледа дека одредени политичари во Грција не ја сфаќаат сериозноста на безбедносните ризици што со себе ги носи оваа криза. Веќе постојат индиции дека дел од уапсените и осомничените за терористичките напади ја користеле токму Балканската рута“, вели претседателот.

Според него парадоксално е што Грција како членка на ЕУ и Шенген зоната им дозволува на бегалците да влезат и да се движат низ неа без да се почитуваат правилата на Шенген, додека пак Македонија како држава успеала да регистрира и спречи 99 отсто од илегалните преминувања, а нема ни пристап до податоци на Шенген, ЕУ и eвропскиот систем за регистрација на баратели на азил ЕУРОДАК (EURODAC).

Во интервјуто Иванов испраќа порака дека мигрантската криза влијаела и на двете држави, поради што од самиот почеток македонските власти инсистирале на интензивирана соработка на сите нивоа со грчките власти, меѓутоа соработката се уште е на незадоволително ниво.

„По мое инсистирање кон премиерот Ципрас и по еден сизифовски обид успеавме да воспоставивме билатерална полициска соработка. Меѓутоа поради неодговорно однесување на грчките власти, меѓусебната комуникација останува на незадоволително ниво“, додава Иванов.

Иванов е особено критичен што до сега ниту еден грчки претседател ја нема прифатено неговата понуда за заедничка средба. Дијалогот според него е неопходен за да се надминат разликите и проблемите меѓу двете страни и изненаден е што ниту претходниот ниту актуелниот негов грчки колега не одговараат на неговото барање за средба.

„Ниту еден проблем не се решава со игнорирање и избегнување на комуникациата. Ниту бегалската криза, ниту спорот за името ќе се реши така“.

Што се однесува до спорот за името, Иванов коментира дека тој е отворен да се сретне во секое време со грчките политичари, а неговите три средби со премиерот Алексис Ципрас ги оценува како охрабрувачки. Меѓутоа, посочува дека на спорот треба да му се пристапи реалистично и да се разбере дека не може да се реши во една вечер.

„Наметнатиот спор за името е тежина која трае две и пол децении. Она што не се решило толку време нема да се реши за една вечер. Неопходно е да се изгради доверба и да се создаде соодветна клима за решение“, коментира Иванов, додавајќи дека со еднострани решенија и наметнати барања не може да се најде решение.

Според него бегалската криза е можност двете страни да ја надминат недовербата и да изградат поцврста соработка.

Иванов, во интервјуто, испраќа порака до грчкиот народ да не ја гледа Македонија како непријател, посочувајќи дека по традициите и менталитетот македонскиот и грчкиот народ се најблиски од сите други соседи, како и дека за стратешките интереси на Грција подобро е на нејзината северна граница да има сосед кој е членка во ЕУ и НАТО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...