fbpx

Иванов: Наместо демарш, Грција требаше да ни испрати информации за бегалците

-

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, возврати на критиките на грчката влада. Во интервју за грчката телевизија „Мега“, Иванов ја обвини Грција дека не соработува околу бегалската криза, не се координира, ниту ги информира македонските власти. Според него, доколку грчките власти ја известеле Македонија околу сомнежите дека активисти подготвуваат протест и насилен влез на македонска територија, двете страни ќе можело да се координираат и да се избегнат неделните инциденти во кои седум часа имаше судир меѓу полицијата и бегалците на Идомени.

– Воопшто не постоеше никаква координација ниту, пак, информирање за сето она што се случуваше во кампот Идомени. Доколку ги имавме ние информациите, можеше да се спречи и да се преземат активности да не дојде до овој инцидент. Слична е состојбата и со другите институции кои не ги разменуваат информациите што се неопходни за да се спроведе одлуката која е донесена во Брисел на Европскиот совет, за затворање на балканскиот коридор – истакна Иванов за „Мега“.

Возвраќајќи на критиките на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и на претседателот, Прокопис Павалопулос, кои денеска рекоа дека насилното однесување на полицијата покажува дека Македонија не припаѓа во ЕУ и во НАТО и го нарекоа односот срамен и за нашата држава и за Европа, тој истакна дека македонската полиција, во суштина, го сработила тоа што требало да го направи грчката, односно да спречи нелегален влез на бегалците на македонско тло.

– Македонските институции го презедоа сето тоа што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија. Ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде доаѓаат во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Сè дури постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија – додаде македонскиот претседател.

Во критика до грчките власти тој посочи дека наместо Грција да праќа протестни ноти, требало да испрати информации околу сомнежите дека постојат активисти кои делат летоци на арапски јазик и подготвуваат масовен протест и влез на бегалците на македонска територија. Забележа дека на Грција, како членка на ЕУ и на НАТО, не ѝ доликува да оди против одлуката донесена на европско ниво за затворање на балканската рута и да дозволи да се загрози територијата на соседна држава. Иванов истакна дека сите држави од рутата, но и ЕУ се известени за инцидентите кои се снимени и документирани и апелираше до ЕУ да ѝ помогне на Грција за побрзо релоцирање на бегалците.

Македонскиот претседател уште еднаш посочи дека бегалската криза е можност двете држави да ја продлабочат комуникацијата и соработката, додавајќи дека Грција засега ја има испуштено таа можност.

– Сè уште има време. Таканаречените мерки за градење доверба се градат на конкретни активности и настани, а не само на бирократски мерки и активности кои се најавуваат – истакна Иванов.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, најави дека на 21 и на 22 април во Солун ќе се одржи регионален самит за бегалската криза меѓу Грција, Македонија, Албанија и Бугарија на кој се повикани министрите за надворешни и за внатрешни работи на четирите држави.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...