fbpx

Иванов и Ал-Сиси разговараа за борбата против тероризмот и насилниот екстремизам

-

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Њујорк во рамките на 71. Генерално собрание на Обединетите нации се сретна со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал–Сиси.

На средбата, претседателите размениле мислења за актуелната состојба со мигрантската криза, како и за борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, при што се согласиле дека е неопходно да се продлабочи соработката на безбедносните служби на двете земји за соочување со предизвиците.

Иванов ја истакнал поддршката во борбата против тероризмот која Македонија неколкупати ја добила од Египет, кој, како што рекол, со својата позитивна улога дава значаен придонес за одржување на мирот и на стабилноста во регионот на Северна Африка.

– Египет со својата решителна борба против тероризмот е успешен пример и гарант за стабилноста во регионот на Северна Африка. Република Македонија е активен партнер во антитерористичката коалиција, а соработката со Египет преку безбедносните служби, верувам, ќе придонесе во меѓународната заедница за успешно справување со глобалните предизвици – истакнал Иванов.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Иванов, било разговарано и за унапредување на севкупните билатерални односи, особено за интензивирање на економско-трговската соработка преку искористување на заедничкиот потенцијал и ресурси, со што ќе се овозможи поволна бизнис-клима и можности за инвестиции.

Ал-Сиси искажал задоволство од досегашниот тек на заемната соработка во повеќе области од заеднички интерес и изразил уверување дека почнатите иницијативи за билатерални проекти ќе продолжат уште поинтензивно да се развиваат во периодот што следува.

Македонскиот претседател истакнал и дека со годинешната прва официјална посета на Египет, двете земји отворија нова страница во своите пријателски односи, од чие негување и развивање ќе имаат добивка граѓаните на двете земји.

Во рамки на посетата на Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, Иванов одржа повеќе билатерални средби, меѓу кои и со полскиот претседател Анджеј Дуда и со кралот на Јордан, Абдула Втори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...