Во Охрид денеска се одржува јубилеј, 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, која ја отвори претседателот Стево Пендаровски, а имаше учесници од 15 држави, Кина, Шведска, Турција, учесници од словенските земји и од земјите од регионот, со цел да ги презентираат своите нови научни согледби од областа на македонистиката.
Најголемиот дел од трудовите што ќе бидат презентирани се однесуваат на делата на Крсте Мисирков и на Ацо Шопов.
„За актуелните негирања на македонскиот јазик, Влада Урошевиќ кратко и јасно вели “не треба да се впуштаме во полемики за македонскиот јазик, тоа според мене е губење време. Треба да ги оставиме нека зборуваат што сакаат, ние си ја знаеме својата вистина”, затворен цитат“, рече претседателот Стево Пендаровски, додавајќи:
„Благодарение на Меѓународната научна конференција и на Меѓународниот семинар, секоја година имаме потврда за спецификите и посебностите на македонскиот јазик, литература и култура. Импозантната бројка на научници и дела, оставени во наследство од сите досегашни конференции се непроценливо богатство за нашата лингвистика и култура, воопшто за нашиот народ и држава“.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски рече дека од оваа конференција се произлезени научните трудови кои се клучни референци за меѓународната, научна верификација на македонистичките научни вистини на современ план.
„Преку неа се покажа и непрекинато се покажува дека, зад тие вистини, со своите македонски колеги, стамено застанаа и најзначајните странски слависти и балканисти, а потем и странските македонисти“, истакна ректорот на УКИМ.
Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска посочи дека преку оваа Меѓународна научна конференција се потврдува дека идеите го обликуваат текот на историјата.
„Пред 50 години, темелите на оваа Конференција се поставени заради идејата дека само преку поттикнување на научната дискусија меѓу странските и домашните македонисти, балканисти и слависти, на современ план може да се очекува сестрана афирмација на македонистичките научни согледби и заклучоци. Доследноста во остварувањето на таа идеја со непрекинато организирање на Конференцијата доведе до постигнувања кои денес се нови важни страници на историјата испишани од странските и домашни македонисти-научници“, рече Мојсова-Чепишевска.
Таа и нагласи дека во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“ се работи на библиографија во која ќе бидат презентирани сите трудови од вкупно 50 изданија на Конференцијата и на едно место ќе ги има сите клучни референци за македонистиката, од странски и домашни научници од изминативе 50 години.
Работата на Конференцијата продолжи со пленарна сесија на која своите реферати ги изложија повеќе истакнати истражувачи – слависти, балканисти и македонисти од земјата и од странство. По пленарната сесија, во следните три дена, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура на Конференција, на кои ќе бидат презентирани близу 70 нови научни трудови.
На Конференцијата ќе бидат опфатени и традиционалните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“.
Конференцијата е дел од националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот Пендаровски, а се организира и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Според програмата, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе трае до 3 септември 2023 година, а презентираните трудови ќе бидат објавени во одделен зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период.