Милијардите на Драги го урнаа еврото, но ги кренаа акциите

-

Главната програма на Европската централна банка (ЕЦБ) за купување обврзници би требало да ја зајакне економијата во еврозоната, но тоа само по себе нема да биде доволно, оцени директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, повикувајќи ги владите да спроведат структурни реформи.

– Би требало да помогне, но самото тоа нема да биде доволно за да се заживее европската економија и да поттикне пораст. Потребни се длабоки структурни реформи за да се помогне конкурентноста – рече Лагард, коментирајќи го соопштението на ЕЦБ за вризгување стотина милијарди евра во еврозоната.

Европската централна банка вчера донесе одлука без преседан во историјата на еврозоната, проширувајќи ја програмата за купување средства и државни обврзници и тоа во месечен износ од 60 милијади евра. Програмата ќе почне во март годинава, а ќе трае до септември 2016 година. Со тоа, вкупната вредност на програмата надмина 1.000 милијарди евра. ЕЦБ се одлучи на ваков чекор откако претходните мерки, како што се намалување на каматата на рекордно ниско ниво, поевтинувањето на долгорочните кредити, па и купувањето средства, не ги дадоа саканите резултати.

– Ќе видиме дали ќе има ефект. Довербата е клучна. Постои сериозен ризик, против кој ЕЦБ дејствува, од многу слаба инфлација или дури дефлација – рече Легард.

На азиските берзи, цената на акциите денеска забележа голем пораст затоа што вложувачите се надеваат дека новите мерки на ЕЦБ ќе ја заживеат економијата во еврозоната, додека вредноста на еврото, во споредба со доларот, е на најниско ниво во последните 11 години.

– Многумина сметаат дека оваа програма одеднаш нема да го покрене работите – вели Џон Кабали, стратег на компанијата „Ел-Пи-Ел Фајненшл“.

– Марио Драги извлече базука… Големото купување обврзници од ЕЦБ ќе ги намали приносите, но инфлаторните очекувања ги туркаат нагоре. Засега се чини дека пазарите не се на чисто каква треба да биде нивната реакција – вели аналитичарот на Кредит агрикол банка, Дејвид Кибл, додавајќи дека пазарот на обврзници во моментов се наоѓа меѓу чекан и наковална.

На европските берзи изутринава, седми ден по ред, е забележан пораст на индексите, благодарение на оптимизмот од новите поттикнувачки мерки во еврозоната, а најмногу пораснаа цените на акциите на произведувачите на автомобили бидејќи се очекува пораст на нивната продажба.

Поддршка на пазарот дава и порастот на цената на нафтата на американскиот пазар за 90 центи, по веста за смртта на саудискиот крал Абдула и оти нов владетел на Саудиска Арабија е неговиот полубрат Салман.

– Кралот Абдула беше архитект на сегашната стратегија за задржување на високо ниво на производство на нафта за да се исфрлат малите играчи од игра, наместо да се намали производството. Стравот од непознатото би можел да придонесе за пораст на цената на нафтата – смета Џон Килдуд од „Капитал Ел-Ел-Си“.

Аналитичарите на брокерската куќа за надворешна размена „Адмирал маркетс“ проценуваат дека еврото најверојатно ќе продолжи да слабее во однос на останатите светски валути, особено во однос на американскиот долар.

„Доколку ситуацијата во еврозоната не се поправи набргу и програмата за вбризгување пари потрае, можно е во рок од година или две еврото да падне на нивото на доларот“, оценуваат аналитичарите од „Адмирал маркетс“.

Новите мерки го ставија еврото под притисок, па денеска едно евро се продава за околу 1,1370 долар, а во еден момент потона и на само 1,1316 долар, што е најниска цена во последните 11 години. Вчера еврото се движеше околу 1,1570 долар. Европската валута, исто така, падна и во однос на франкот и на јенот, па така денеска едно евро изнесуваше 0,9870 франци, односно 134,28 јени.

Гувернерот на НБМ, Димитар Богов, денеска оцени дека падот на вредноста на еврото во однос на другите валути нема да се одрази врз имателите на дивизни кредити и на кредитите со девизна клаузула во евра, поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Сепак, Богов истакна дека порастот на вредноста на другите странски валути негативно ќе се одрази врз оние кои имаат кредити поврзани со долари или франци, но додаде дека нивниот број мал.

Утрово почувствуван земјотрес во Скопје

Телеметриската сеизмолошка мрежа на сеизмолошките станици инсталирани ширум земјата, утрово регистрирала земјотрес чиј епицентар припаѓа на скопското епицентрално подрачје, соопштија од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Земјотресот се...