fbpx

И топло добредојде и инциденти за децата бегалци во грчките училишта

-

Првиот училиштен ден за децата бегалци во Грција не помина без проблеми. Некои деца беа дочекани со песна и со аплауз, други со демонстрации и со мали инциденти од грчките родители кои реагираат против одлуката децата бегалци да одат во исто училиште како нивните деца.

Во едно училиште во Солун децата бегалци беа дочекани со насмевка и со хорска песна од децата од училиштето, а на настанот присуствуваше и солунскиот градоначалник Јанис Бутарис. Тој имаше и средба со група родители кои реагираат на идејата децата бегалци да учат во училиштето за да им објасни дека сите дечиња од бегалските центри се вакцинирани и не гледа потреба за загриженост и за проблеми. Сличен дочек имаа и децата во училиште во Јанина, каде за нив беше подготвена цела приредба, како и во едно од училиштата во Атина.

Децата во училиштето во солунската населба Лагадикиа, каде има и бегалски центар, ги дочека сосема поинаква слика. Група од околу 30 родители протестираа пред училиштето и се расправаа со директорот, а со катанец затворија еден од влезовите за да ги блокираат бегалците да влезат на настава.

Драматична беше ситуацијата и во уште едно училиште во Атина, каде група родители се судрија со активисти и со членови на невладини организации кои ги придружуваа децата. Родителите протестираа со објаснување дека се загрижени за хигиената и за можни здравствени проблеми бидејќи не се сигурни дали децата од бегалските центри се вакцинирани и во добра здравствена состојба.

Најрадикална беше одлуката на родителите од едно солунско училиште кои денес ја бојкотираа наставата и не ги испратија децата на часови во знак на протест против одлуката во истото училиште да учат и деца бегалци. Од вкупно 130 ученици, денеска во училиштето се појавиле само 13 деца.

Програмата за вклучување на децата бегалци во образовниот систем почна од вчера. 1.500 деца ќе посетуваат секој ден четиричасовна настава во повеќе од 20 училишта низ цела Грција и ќе имаат часови по мајчин јазик, грчки и еден странски јазик, информатика, математика итн.

Во Грција има повеќе од 60.000 бегалци, од кои 15.000 лица се во бегалските центри на островите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.