fbpx

И на мастиката, иако има само „ма“ од Македонија, Грците ѝ најдоа маана

-

Со бомбастични наслови, неколку грчки медиуми на почетокот на месецов се обидоа да го потпалат гневот на Грците објавувајќи статии дека Македонија на Грција сака да ѝ го украде и жестокиот традиционален пијалок „мастиха“. Од тоа што го изнесоа како факти, очигледно е дека станува збор за голема параноичност и неосновани обвинувања, бидејќи, првин, информацијата што ја оспоруваат е изнесена на еден американски веб-сајт, а второ, името „мастика“ и „мастиха“ се различни, а, дополнително, двата алкохолни пијалока суштински се разликуваат.

Со јазик обоен со силна ксенофобија кон Македонија и повикувања на „штетите“ за Грција од Преспанскиот Договор, грчките медиуми пишуваат дека грчките бизнисмени ќе имаат проблеми да ги заштитат марките и производите „за кои многу векови се знае дека се грчки“ од македонската влада и бизниси, а дека проблем има и со мастихата, оти Македонија се обидува да го украде името на оваа мирисна смола што се произведува на островот Хиос.

Доказот за тоа го гледаат во фактот дека на веб-сајтот „ba-bamail.com“, за кој велат дека е голем американски веб-сајт – е објавен инфографик на кој грчкиот мастикс бил наведен како национален пијалок на Македонија, под името мастика.

На целосната неоснованост на ваквите потпалувачки написи укажа познатиот грчки сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите, „Елиника Хоуксис“.

Првин, што се однесува до веб-сајтот „ba-bamail.com“, грчките проверувачи на факти велат дека воопшто не е голем, туку дека е на 30.796-то место во САД според рангирањето од „Алекса“.

Второ и најбитно, вели „Елиника Хоуксис“, мастиксот (мастихата) и мастиката се сосема различни пијалоци.

Мастиката е жесток пијалок со 43-45 отсто алкохол што се вари од грозје, суво грозје, сливи или смокви, а се ароматизира со анасон, билки и мед. Традиционално се прави во струмичкиот регион, а и во Бугарија, пишува грчкиот сајт.

Наспроти тоа, грчката мастиха на грчкиот остров Хиос се прави од смолата мастикс (која се зема од дрвото Pistacia lentiscus), односно пијалокот се вари од смола, чист алкохол и шеќер.

Дополнително, напоменува „Елиника Хоуксис“, тие контактирале и со Здружението на производители на мастикс, чиј претседател Илиас Смирнидис рекол дека „не станува збор за „крадење“ на мастихата од Хиос од мастиката во Северна Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...