fbpx

Ако се слуша УНЕСКО, најмалку една година ќе треба за препроектирање на пругата од Струга кон Албанија

-

Препроектирањето на пругата од Струга кон Албанија на Коридорот 8 би чинело од 3 – 5% од вредноста на ново проектираната траса, при што на проектантите ќе им требаат барем една година за да ја изработат алтернативната рута по препораката што ја дава УНЕСКО.

Професорот Дарко Мославац од Градежниот факултет при УКИМ нагласува дека ќе требаат и време и финансии за да се постапи по предлогот на УНЕСКО за избор на алтернативна траса за железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија.

– Предлогот на УНЕСКО за изградба на алтернативен тунел од Струга до Прењас како техничко решение е возможно, но секако дека треба да се има во предвид цената на чинење на овој објект би била во границите од 15 до 30 милиони евра по километар – нагласува за „Мета“ професорот Мославац.

Со алтернативниот тунел од Струга до Прењас ќе поскапи изградбата на самиот проект за железничко поврзување со Албанија, за кој во моментов е проценето дека ќе треба да се издвојат 500 милиони евра за целокупната траса од 63 километри.

Министерството за транспорт и врски кон крајот на 2017 година информираше дека француско – шпанскиот конзорциум ја завршил изработката на изведбениот проект, по кој требаше да се гради пругата од Коридорот 8, на потегот меѓу Кичево и Лин. Во струшкиот регион, оваа пруга од Струга со проектот е предвидено да се движи кон Радожда, каде по крајбрежјето на езерото е предвидено да влезе во Албанија и да се спои со постојната пруга кај градот Лин.

Во изготвениот извештај што беше разгледан на 43. сесија на Комитетот за светско наследство во Баку јасно се потенцира дека пругата кон Албанија со постојната траса претставува потенцијална опасност за Охридското езеро. Промената на трасата е и една од 19-те препораки што УНЕСКО ги испорача на македонските власти, кои до февруари 2020 година треба да достават извештај за напредокот по препораките. Напредокот во имплементацијата и отстранувањето на забелешките ќе се разгледаат на наредната 44. Сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Македонската влада уште пред еден месец донесе одлука за формирање на работна група, која најдоцна до 15 јануари 2020 година ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа на алтернативна рута за пругата кон Албанија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...