fbpx

Хронологија: Како наместо решение, добивме криза во преговорите за медиумите

-

По паузата за викенд на преговарачите на политичките партии за медиумите, утре се очекува разговорите за оваа проблематика да продолжат во Клубот на пратеници во Скопје. Политичките партии, пак, и минатата недела не успеаја да се договорат за законите од сферата на медиумите.

Според нашите информации, минатата недела се разговарало за реформи во МРТ и во Агенцијата за медиуми, но партиите сè уште имаат дијаметрално различни ставови за овие прашање.

Минатата недела ВМРО–ДПМНЕ ги повика и новинарските здруженија да достават предлози што тие ќе ги претстават на средбите на работните групи. Од партијата велат дека нема да прифатат ниту еден закон што значи цензура на медиумите и високи казни за редакциите. Засега предлози до владејачката партија доставија Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ).

За СДСМ, пак, секој закон кој значи деполитизација и департизација на институциите задолжени за медиумите е добредојден.

Преговорите ќе продолжат утре, кога се очекува да се интензивира расправата за наоѓање решение за Агенцијата за медиуми и за МРТВ.

Еве, пак, како хронолошки се одвиваа работите од протестот на новинарските здруженија пред Клубот на пратеници:

26 ноември

Проблемите со преговорите се интензивираа откако Здружението на новинари (ЗНМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 26 ноември протестираа пред Клубот на пратеници со барање да бидат вклучени во преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино.

Според Насер Селмани, претседател на ЗНМ, недозволиво е во едно демократско општество новинарите да бидат исклучени од преговори кои се водат за нив.

– Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, како и белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, итно да нè вклучат во преговорите што се водат за регулирање на медиумите. Ако ЕУ сака демократски закони, треба да нè вклучи во преговорите, а не зад затворени врати да се нудат решенија – изјави Селмани.

На овој повик реагираше Роберт Поповски, преговарач на СДСМ, кој рече дека новинарските здруженија треба да лобираат кај политичките партии за да ги застапуваат нивните интереси, но, сепак, политичките партии треба да го завршат процесот на преговарање.

– ЗНМ беше во преговори со Владата, па сега ние ги исправаме тие закони што ги договориле или кои сакале да ги договараат – рече Поповски.

Тоа отвори вербална војна помеѓу СДСМ и ЗНМ, а на изјавата на Поповски експресно одговори претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој на својот фејсбук-профил напиша:

„Не можат да разберат дека заврши времето кога ставовите на ЗНМ се градеа на Бихаќка. Издржавме притисок од ВМРО пет години, можеме да се справиме и со притисокот од СДСМ. По ниедна цена нема да поддржиме политички договори на штета на новинарите и на медиумите. Тоа е новото ЗНМ!“.

29 ноември

По протестите, СДСМ стана мета на напади за предложениот закон за медиуми, кој наиде на остри рекации од Македонската асоцијација на новинари и од електронските медиуми.

МАН апелираше до медиумите да ги објавуваат изданијата со црна насловна страница, како протест против законот предложен од СДСМ за медиумската област.

30 ноември

По молк цел викенд, со реакција за „Мета“ се јави преговарачот од СДСМ, Роберт Поповски, кој рече дека резултатот ќе покаже кој бил во право и кој е за демократија, а кој не.

По овие турбуленти денови, СДСМ предложи, а ВМРО-ДПМНЕ се согласи новинарските здруженија да учествуваат во преговорите на работните групи, кои разговараат за проблемите во медиумите.

Роберт Поповски, на прес-конференција пред Клубот на пратеници, рече дека предлогот медиумите и невладините организации да учествуваат во преговарачкиот процес ќе го стави на изјаснување пред претставниците на политичките партии.

Илија Димовски, преговарач од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ќе постапат така како што ќе се договорат политичките партии во Клубот на пратеници, но дека се сомнева во искреноста на намерите на СДСМ.

1 декември

Продолжувањето на преговорите за медиумите повторно остана да виси, откако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го напуштија Клубот на пратеници по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече:

„Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека најголем политички непријател за нас, како опозиција, се медиумите како што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа ТВ“, „Дневник“ и МРТ. Вие сте медиуми коишто, меѓу другото, се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта“.

По оваа изјава ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите со образложение дека „нема да дозволи СДСМ да ја узурпира и да ја укинува слободата на медиумите и да дејствува спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и за слобода на информирање“.

Од СДСМ излегоа со соопштение дека со оваа постапка ВМРО-ДПМНЕ продолжува со стратегијата на одолговлекување и на непочитување на обврските преземени со Договорот од Пржино.

„Регулирањето на медиумите е еден од клучните критериуми без кои се невозможни фер, демократски и регуларни избори. Со ваквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ го доведува во прашање Договорот од Пржино“, реагираат од СДСМ.

3 декември

ВМРО-ДПМНЕ се врати на преговорите на работната група во која на дневен ред се реформите во медиумската сфера. Од оваа партија побараа од новинарските и медиумските здруженија и други невладини организации во наредните денови да достават свои предлози за реформи.

4 декември

По целодневни преговори, партиите не успеаја да постигнат напредок околу проблемите во медиумите и се договорија преговорите да продолжат в понедленик на 7 декември.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...