Од уставните одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Ова е ставот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во врска со последната одлука на Владата, да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложена потврда за вакцинација.

– Законската регулатива во Република Северна Македонија налага задолжителна вакцинација против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус, инфлуенца тип Б (ХИБ) и вирусен хепатитис Б за сите лица од определена возраст. Член 67 точка 6 од Законот за заштита на населението предвидува дека ќе се изрече глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице коешто ќе одбие вакцинирање за овие болести или заштита со специфичен имуноглобулин и лекови. Согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование, при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето издадена од надлежна здравствена установа – потсетуваат од Хелсиншки.

Оттука, додаваат, Владата донесе заклучок во било кое училиште да можат да се запишат единствено деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветна потврда.

– На седницата беше одлучено во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложен соодветен документ, односно потврда за вакцинација. Образложението на ваквата одлука беше поткрепено со тврдење дека само со стапка на вакцинација од над 95 отсто, ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот помеѓу популацијата. Задолжителната вакцинација, која е предвидена со наведениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Заради обезбедување на наведеното право, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството – сметаат оттаму.

Тие ја споменуваат и Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана од Република Северна Македонија.

– Државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Нашата држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата. Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација, не претставува дискриминација од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето и на другите деца кои одат во истото училиште што значи дека задолжителната вакцинација, определена со Законот, не претставува прекумерна мерка – појаснуваат во Хелсиншки.