fbpx

Прирачник за борба против малите ХЕЦ и за спас на македонските реки од „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“

-

„Инспирирајте се од приказната за Националниот Парк Маврово и зачувајте ги последните диви и слободни реки во Европа!“ Ова е пораката која екологистите собрани околу иницијативата за спас на најстариот национален парк во Македонија – НП Маврово од изградба на хидроцентрали во заштитените подрачја со ретка природна убавина, „Фронт 21/42“, „Еко-свест“, како и германските фондации „Еко-воч“ и „Еуронатур“ им ја упатија на другите еколошки организации, здруженија на граѓани, како и на локалното население и на локалните самоуправи во земјата. Тие објавија Прирачник за правните алатки и механизми  за заштита на животната средина и ги повикаа самите да почнат борба за спас на локалните мали планински реки загрозени од изградба на хидроцентрали.

Повикот за спас на македонските мали речни водотеци следува само неколку дена откако беше објавена информацијата дека Владата одобрила изградба на 18 мини-хидроцентрали од кои повеќето се во заштитени подрачја. Според Еко-свест, ваквата реакција следува откако Владата не покажа никакво разбирање дека овие мали по обем, но големи по штетно влијание врз животната средина, проекти им се закануваат на многу загрозени видови во земјава како балканскиот рис и охридската пастрмка, на кои ионака им се заканува исчезнување, само поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани, дури и во заштитени национални паркови.

„Овој прирачник, посветен на националните и меѓународните граѓански организации и активисти, коишто цврсто и непоколебливо се борат за зачувување на последните слободни реки ќе ве води чекор по чекор низ нашата борба против хидроенергетските проекти во националниот парк „Маврово” се вели во воведот на Прирачникот, изготвен од страна на борците против малите ХЕЦ. Во него е дадено соодветно објаснување на правните алатки коишто беа употребени за зачувување на еден од најстарите национални паркови во Европа.

Прирачникот го објаснува правниот пат кој една иницијатива за спас на реките, покрената од граѓани и граѓански здруженија, треба да го изоди за да биде рамноправен противник во институционалната борба со власта. До крајот на 2018 година издадени се концесиски дозволи за близу 100 мали хидроцентрали.

Во Македонија е планирана изградба на околу 160 мали хидроцентрали со кои ќе бидат засегнати близу 130 главно чисти планински реки и помали водотеци, а дел од нив се планирани и во природни подрачја под строга заштита, каков што е НП Маврово. Тие им даваат и практични совети како да ги формулираат своите барања и како да комуницираат со надлежните институции, врз основа на кои закони и одредби од меѓународни документи кои се обврзувачки за државата да бараат превземање на мерки и активности или запирање на одредени постапки, кому да се жалат, да бараат учество на јавноста во донесувањето на одлуки и слично.

„Во 2010 година, македонската влада без да обрне внимание на негативните ефектите врз природата од страна на веќе постоечкиот хидроенергетски систем „Маврово”, го одобри планот за реализација на два други хидроенергетски проекти во НП „Маврово”: ХЕ „Црн Камен” и акумулација „Луково Поле“ и ХЕ „Бошков Мост”, финансирани од страна на Светска банка и Европската банка за обнова и развој ЕБРД. Овие два проекти, се вели во Прирачникот, ја поткопуваат самата идеја за постоење на национален парк, бидејќи претставуваат закана за животните и растенијата, кои денес сè уште наоѓаат прибежиште во НП „Маврово“.

Со примена на Конвенцијата за заштита наевропскиот див свет и природни живеалишта, на Бернската Конвенција и со понатамошно поднесување на жалба, беше постигнат првиот успех: Светската банка се повлече од проектот ХЕ „Луково Поле” (12/2015 година). Во 2016 година, Европската банка за реконструкција и развој ги замрзна финансиските средства наменети за ХЕ „Бошков Мост”, и една година подоцна во јануари, 2017 година го прекина финансирањето на истиот.

Во 2013 година, меѓународните граѓански организации Ривервоч и Еуронатур ја започнаа меѓународната кампања „Да го зачуваме синото срце на Европа”, и на тој начин борбата на македонските екологисти стана дел од поширока меѓународна иницијатива за спас на преостанатите чисти европски реки.

Прирачникот, чиј автор се Александра Бујаровска, експерт по еколошко право од „Фронт 21/42“ и Ана Чоловиќ Лешовска од „Еко-свест“, се повикуваат на Архуската конвенција како најзначајна европска легислатива од областа на еколошката демократија, базирана на трите столба: пристап до информации, учество на јавноста и пристап до правдата.

Ана Чоловиќ Лешовска неодамна ја доби престижната Голдман награда токму поради својот ангажман на спас на македонскиот рис и неговиот хабитат во националниот парк Маврово од уништување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...