Хакери украле лични податоци преку апликации за плаќање паркинг низ Европа

Земени се имиња на клиенти, телефонски броеви, адреси и делови од броеви на кредитни картички, но податоците за паркирањето не биле компромитирани при сајбер-нападот 

Photo by Nathan Dumlao on Unsplash

Хакери украле лични податоци на клиенти преку апликации за плаќање паркинг низ Европа и Велика Британија. Најголемиот европски оператор на апликации за паркирање ја пријавил ситуацијата кај регулаторите за информации во ЕУ и во Велика Британија, соопшти Гардијан. 

Земени се имиња на клиенти, телефонски броеви, адреси и делови од броеви на кредитни картички, но податоците за паркирањето не биле компромитирани при сајбер-нападот.

Компанијата за која станува збор е „EasyPark Group“, но досега нема информации колку од корисниците биле засегнати, освен дека се вклучени 950 корисници на „RingGo“ апликацијата, која е само една од тој вид.

Портпаролот на „EasyPark Group“ сепак изјави дека повеќето од погодените корисници се корисници во Европа на системот „EasyPark“, што сугерира дека податоците на илјадници клиенти се компромитирани.

Централното собирање податоци за локација е особено ранливо бидејќи може да се злоупотреби за физичко следење на луѓето. „EasyPark“ е најголемата апликација за паркирање во Европа во однос на покриеноста.

Од компанијата велат дека системот за паркирање во САД, кој има 50 милиони корисници, не бил погоден.

Сè уште нема случаи на злоупотреба или протекување на податоците, ниту се објавени барања за откуп.

Случајот бил забележан на 10 декември, а информирани биле сите засегнати книенти неколку дена подоцна. Исто така е известен и шведскиот регулатор за приватност како водечки орган на ЕУ за вакви ситуации.

Наводно, украдените податоци не можат да бидат користени за плаќање, но сепак клиентите треба да внимаваат на фишинг напади и на измами.