Грчкото Собрание не изгласа претседател ниту во третиот финален круг за избор на претседател на државата. Грчките пратеници избраа предвремени избори наместо претседател и заменик за претседателот Каролос Папуљас.

Во следните денови спикерот на грчкото собрание, Евангелос Меимаракис, по налог од актуелниот претседател Папуљас, ќе го распушти парламентот и ќе распише избори. Процедурално, избори треба да се одржат по 30 дена откако ќе се распушти Собранието.

Изборите се очекува да бидат на крајот од јануари или на почетокот од февруари.

За единствениот кандидат Ставрос Димас, предложен од владината коалицијa, гласаа 168 пратеници, исто како и во вториот круг, без ниту еден глас повеќе. Денеска беше неопходна поддршка од 180 пратеници за Димас да биде изгласан и истовремено грчката влада да се задржи на власт.

Обидот на премиерот Андонис Самарас да издејствува национален консензус за Димас во замена со владино проширување и избори на крај на 2015 година не успеа. Се очекува негова изјава за кусо време.

СИРИЗА е задоволна од исходот и гледа напред кон можноста за победа на предвремените избори и формирање влада.

Предизборниот период се очекува да донесе голем политички земјотрес и нови неизвесности.

Иако СИРИЗА е прва партија, не е познато сè уште дали ќе постигне договор со друга партија за да може да формираат коалициска влада бидејќи рејтинзите покажуваат дека ниту една партија нема да може да има апсолутно мнозинство. Се очекува голем раздор во ПАСОК, заминување на Јоргос Папандреу кој најавува нова партија, што ќе им зададе голем удар на социјалистите и не се знае како ќе влијае на нивните рејтинзи на изборите.

Се очекува период на големи политички пресврти, договарања меѓу партиите, заминување на стари пратеници, но, пред сè, голема политичка неизвесност за тоа дали предвремените избори ќе доведат до влада или до нови избори.

М.П.