Нова блокада од грчките земјоделци на преминот Евзони-Богородица кон Македонија е сè поизвесна како што се интензивираат земјоделските протести во Грција. Кон штрајкот и блокадите на земјоделците се очекува од утре да се приклучат уште повеќе нивни колеги од северниот дел на земјата.

Според информациите од грчката информативна агенција АПЕ, земјоделците размислуваат да се блокира повремено преминот Евзони на македонско-грчката граница, како и преминот Промахонас кон Бугарија.

Грчките земјоделци исти вакви блокади организираа минатата година и ги блокираа сите гранични премини и автопатиштата во државата, креирајќи големи проблеми и за туристите и за товарниот превоз од Грција кон Балканот и кон Европската Унија. Главната одлука дали и кога ќе почнат блокадите се очекува да биде донесена в петок, на новиот состанок на земјоделците во Поликастро.

Според информациите, земјоделците од Кукуш, Пела, Пиерија, Халкидики и од другите делови од Северна Грција се подготвени да им се приклучат на демонстрантите кои со трактори и со земјоделски машини веќе блокираат дел од автопатиштата низ државата.

Земјоделците со овие нови блокади го изразуваат својот револт кон новите мерки за штедење и владината политика со која се укинати некои бенефиции и даночни поволности за земјоделскиот сектор.