Град Скопје сè уште нема систем за изнајмување велосипеди како алтернативен превоз

Системот за изнајмување велосипеди „BicikeLJ“ во Љубљана. Фото: Б.Блажевски

Во услови на рекорден број на регистрирани автомобили на скопските улици и константно намалување на бројот на превезени патници во јавниот превоз, во Скопје веќе четврта година по ред не функционира системот за изнајмување на велосипеди, со којшто раководеше ЈП „Градски паркинг“.

Со некогашниот проект „Скопје изнајми велосипед“, на дел од паркинзите во главниот град се изнајмуваа јавните велосипеди со лична карта и плаќање во готово од граѓаните. Сепак, ваквиот систем во годините на своето работење не прерасна во сериозна алтернатива за транспорт, која што би можела да се вклопи во системот на јавен градски превоз.

Во последните три години од неговото функционирање меѓу 2015 и 2017 година, приходите од изнајмување велосипеди преку ЈП „Градски паркинг“ изнесуваа меѓу 9.000 и 20.000 денари на годишно ниво, што пак говори дека интересот за негово користење од страна на граѓаните бил пренизок.

Новата скопска градоначалничка Данела Арсовска во предизборната кампања за минатогодишните локални избори вети дека ќе го врати системот за изнајмување велосипеди во Скопје, кој би бил модернизиран со современа апликација за само изнајмување велосипеди, а по истиот принцип ќе бил воспоставен систем за изнајмување електрични тротинети. Ова ветување за развој на велосипедскиот превоз во Скопје беше објавено на нејзината страница на Фејсбук на 6 октомври, на само неколку дена пред локалните избори.

Мета.мк во понеделникот испрати прашања до Град Скопје за тоа дали планираат да го реализираат даденото ветување за воведување на автоматизиран систем за изнајмување велосипеди и електрични тротинети во Скопје, но и дали во градскиот буџет за 2022 година се предвидени средства за реализација на еден ваков проект. Прашавме и кога би почнала изведбата на овој систем за изнајмување, колкави средства ќе бидат потребни за неговата реализација и од кога граѓаните ќе можат да го користат истиот.

„Велосипедската инфраструктура и поттикнувањето на граѓаните да го користат велосипедот е еден од најголемите приоритети на Град Скопје во следниот четиригодишен мандат. Во четиригодишната програма се предвидува унапредување на системот на изнајмување велосипеди, со цел реализација на проектот Скопје вело град“, се наведува во одговорот од Град Скопје.

Кога е велосипедизмот во прашање, Градот Скопје за 2022 година има предвидено 15 милиони денари за субвенции за купување на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала. Сепак, во доставените одговори од градската власт не е наведено дали годинава се предвидени средства за воведување на системот за изнајмување велосипеди во главниот град. Мета.мк не успеа да го разгледа во детали Буџетот на град Скопје за 2022 година, бидејќи истиот не е објавен на веб-страницата на Град Скопје, иако нивна законска обврска е да го направат истото.

Принтскрин од 14 јануари 2021 година од веб-страницата на Град Скопје каде што треба да е објавен градскиот буџет за 2022 година; Фото: Мета.мк

Инаку, претходното раководство на Град Скопје го прекина проектот „Скопје изнајми велосипед“, со којшто раководеше ЈП „Градски паркинг“. Образложението беше малиот интерес на граѓаните и сложената неавтоматизирана процедура за изнајмување на велосипедите. Притоа, градските власти се одлучија идниот автоматизиран систем за изнајмување велосипеди да го префрлат на ЈСП-Скопје, којшто би го вклучил рентањето велосипеди во системот на јавен градски превоз.

Во 2020 година, Градот Скопје работеше на проектирање на автоматизираниот систем за изнајмување велосипеди, со кој граѓаните со кредитна картичка или СМС порака ќе можат да земат јавен велосипед на еден од 30-те планирани пунктови во Скопје, да се возат низ градот со ова превозно средство и да го вратат назад на било кој друг пункт. Идејата беше пунктовите за изнајмување на велосипеди да се постават на најпрометните локации низ Скопје, така што би им се овозможило на граѓаните со велосипед да завршат работни обврски, да пазаруваат, да одат на школо или да се рекреираат.

Сепак, ваквиот систем не беше воведен, а претходното градско раководство појаснуваше дека треба да се пронајде оптимално решение за реализација, со кое нема да се повторат грешките на ЈП „Градски паркинг“ од пред 10 години, кога поради несоодветната набавка и понуда дошло до пропаѓање на проектот. Градот Скопје преку ЈП „Градски паркинг“ на почетокот од минатата година ги стави на продажба обичните велосипеди, тротинетите и електричните велосипеди кои беа набавени за изнајмување од претходни проекти.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека Скопје е еден од ретките главни градови во Европа што нема јавен систем за изнајмување велосипеди и тротинети. На пример, во Љубљана системот за изнајмување велосипеди „BicikeLJ“ функционира од 2011 година и до денешен ден има над 60 пунктови и 600 јавни велосипеди за изнајмување, а првиот час од користењето на овие велосипеди низ Љубљана е бесплатно.