Продолжува да расте бројот на регистрирани возила во патничкиот транспорт во земјава, а заедно со нив и просечната старост, која е особено загрижувачка кај автомобилите. Во 2020 година, земјава за првпат во својата историја забележа над половина милион регистрирани патнички моторни и приклучни возила, односно вкупно 500.633 автомобили, автобуси, камиони, мотори, трактори и други моторни возила. Во Македонија лани имало и рекордни 429.196 автомобили со регистарски таблички од земјава.
Тенденцијата на пораст на моторизацијата на населението од целата земја е следена и во главниот град. Во Скопје лани биле регистрирани 155.195 автомобили, односно за првпат во историјата на главниот град е надмината бројката од 150.000 патнички моторни возила во сопственост на граѓани. Зголемување на бројот на овие превозни средства има практично кај речиси сите скопски општини.
Она што е загрижувачки за порастот на бројот на возила кои ги поседуваат граѓаните е просечната старост на возниот парк. Таа е најзагрижувачка кај автомобилите, кои во 2020 година имале рекорден просек на старост од 19,4 години, што е незабележан податок досега во поновата историја на транспортот во земјава.
Ваквите податоци не се изненадувачки, ако се земе предвид фактот дека непречениот увоз на половни возила од странство со години наназад не се става под контрола од властите. Иако министерот за економија Крешник Бектеши на почетокот од годинава најави дека Владата има намера во 2021 да се ограничи увозот на автомобили со минимум ЕУРО 5 стандард на емисии на штетни гасови, тоа до денешен ден не е направено.
И бројките покажуваат дека увозот на половни возила од странство не само што не се намалува, туку во првото полугодие од 2021 година е забележано повеќе од двојно зголемување на бројот на внесени стари возила во Македонија во споредба со лани. Според податоците на Царинската управа, импортерите на стари возила успеале да внесат 20.505 половни возила во периодот јануари-јуни 2021 година, додека како нови неупотребувани возила се увезени речиси тројно помалку, односно 3.410.
Покрај тоа што возилата се едни од главните предизвикувачи на загадувањето на воздухот во градовите, тие и го зголемуваат сообраќајниот метеж и недостигот на паркинг места, патниот транспорт со растечкиот број на возила има сериозно негативно влијание и врз климатските промени, со растечките емисии на стакленички гасови во земјава.
„Мета.мк“ во неколку наврати периодов веќе пишуваше дека со текот на годините, а првенствено поради увозот на половни возила од странство што најчесто го користат дизелот како гориво, уделот на транспортот во вкупните емисии на стакленички гасови во земјата незапирливо расте. Ако се погледнат податоците во секторот Енергетика, во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 отсто во создавањето на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид, додека во 2016 година неговиот процентуален удел се зголемил на дури 28,1 отсто.
Ако се земе предвид фактот дека во 2016 година потрошувачката на дизелот за патниот транспорт била помала, додека бројот на возила во земјава пред четири години бил за 40.000 помал во споредба со 2020 година, за никакво изненадување нема да бидат најновите негативни податоци за емисиите на стакленички гасови од транспортот во земјава, коишто допрва треба да се објават.