Се работи на измените, но нема датум од кога ќе биде забранет увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди

Фото: Бојан Блажевски

Министерството за економија во моментов ја изработува анализата која ќе треба да ги даде податоците за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила од странство, односно да се укине увозот на половни возила во земјава со под ЕУРО 4 стандардот, информираат за „Мета.мк“ од ова министерство.

И покрај ова, од Министерството за економија немаат конкретен датум од кога би започнала забраната за увоз на стари возила со под ЕУРО 5 стандарди во земјава. Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши во јануари годинава вети дека годинава ќе се забрани увозот на половни возила од странство со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови.

„Откако ќе биде изработена анализата и согласно податоците ќе се пристапи кон промена на Правилниците“, одговараат накратко од Министерството за економија.

И од Владата на РСМ за „Мета.мк“ накратко потврдуваат дека се работи на законските измени, со кои ќе се зголеми стандардот за увоз на половни возила во земјава. Од извршната власт ги потврдуваат статистичките податоци, кои покажуваат дека просечната старост на возниот парк не само што не се намалува во земјава, туку продолжува да расте.

„И покрај дозволениот увоз на половни возила кој имаше за цел да се обнови возниот парк, тоа не се случи, односно дури има зголемување на просечната старост од околу 15 години во 2005 на над 19 години во 2019 година. Она што исто загрижува што речиси сите возила кои се увезени се дизел возила што придонесе за зголемување на потрошувачката на дизелот“, велат од Владата на РСМ.

За да се заузда уделот на транспортот во аерозагадувањето, но и во делот на емисиите на стакленички гасови во атмосферата, извршната власт веќе ја претстави пред јавноста замислата за воведување на еколошка такса во износ до 3,5 денари по литар за горивата. Притоа, оваа такса нема да биде воведена за плинот, којшто државата секоја година и го субвенционира со средствата што ги доделува на граѓаните за вградување на плински уреди и уреди на метан. Целта на властите е јасна, да се примени и во земјава принципот „загадувачот плаќа“, односно оние возила и граѓани коишто придонесуваат најмногу за загадување на воздухот.

Податоците на Царинската управа на РСМ за минатата година покажуваат дека во земјава биле увезени 29.052 автомобили, од кои дури 82,2 отсто од нив биле половни.