Фото: Арбнора Мемети

Ковид-19 пандемијата предизвика намалување на бројот на превезени патници во скопскиот јавен превоз на историски најниско ниво. Автобусите на ЈСП-Скопје и на приватните превозници лани превезле 27.709.556 патници, што е за речиси 30 милиони патници помалку во споредба со 2019 година. Во годината пред ковид кризата, јавниот превоз во Скопје го користеле над 57,2 милиони патници.

Статистичките податоци покажуваат дека со автобусите на ЈСП-Скопје во 2020 година патувале 21.416.200 патници (77,3 отсто), додека градско-приградските линии на кои сообраќал возниот парк на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ги користеле 6.293.356 патници (22,7 отсто), велат за „Мета.мк“ од ЈСП-Скопје. Станува збор за преглед на валидации на картичката „Скопска“ и плаќања со мобилен телефон во автобусите.

Од Јавното сообраќајно претпријатие за „Мета.мк“ објаснија дека годинава планираат да го зголемат интересот за користење на јавниот превоз во Скопје со две мерки. Во 2021 година, предвидена е набавка на 10 минибуси, согласно Програмата за работа и развој на ЈСП-Скопје.

„Со подновување на возниот парк со посочениот тип на возила, ќе се подобри квалитетот на превозот на приградските линии“, посочуваат од ЈСП-Скопје.

Исто така, претстојниов период за патниците што го користат јавниот превоз ќе биде целосно ставена во функција апликацијата за паметни телефони на ЈСП-Скопје, со која ќе се овозможи електронско купување и валидирање на билети во автобусите и други поволности за граѓаните. Во изминатиов период, се работело на функционални и оперативни надградби на системот за електронска наплата на билети во јавниот превоз.

Во однос на најавената реорганизација на линиите од градско-приградскиот превоз, од Град Скопје за „Мета.мк“ објаснуваат дека Студијата за изработка на новата мрежа на линии на јавниот превоз на територијата на главниот град е во фаза на евалуација од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Како и да е, она што е сигурно најважен фактор за развојот на јавниот превоз во Скопје во 2021 година е разврската со ковид-19 пандемијата во земјава. И експертите коишто веќе ги контактираше „Мета.мк“ потврдија дека стравот од заразување во јавниот превоз што беше присутен кај граѓаните, работењето од дома, нефункционирањето на вообичаената настава во средните училишта и на факултетите и долгите полициски часови се главните причини поради кои граѓаните лани ги избегнуваа автобусите при своите патувања низ градот. Намалувањето на бројот на заболени лица од ковид-19, заедно со вакцинацијата на граѓаните, како и во многу други гранки од економијата, ќе придонесе најмногу за зголемување на бројот на патници во скопскиот јавен превоз годинава.