Фото: Арбнора Мемети

Ковид-19 пандемијата го преполови бројот на превезени патници во скопскиот јавен превоз. Во периодот јануари-септември 2020 година, со автобусите на ЈСП-Скопје и на приватните превозници се превезени 16,1 милиони патници, што е за 15.434.000 патници помалку во однос на идентичниот период лани, се вели во Извештајот за остварените резултати од работењето на ЈСП-Скопје во периодот јануари-септември 2020 година. Опаѓањето на бројот на патници за 49 отсто кај скопскиот јавен превоз ги загрижи и експертите и граѓанските активисти.


Спроведената онлајн анкета на 1.615 испитаници од „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ во текот на ноември 2020 година покажа дека од сите 462 испитаници што промениле превоз, мнозински 61,9 отсто тоа го направиле како страв од зараза. Притоа, граѓаните кои го промениле превозното средство, најчесто се одлучиле да користат велосипед (33,77 отсто), сопствен автомобил (24,98 отсто) и пешачење (23,59 отсто).

„Многу (90 отсто) од оние кои споделениот автомобилски или јавниот превоз го замениле со сопствен автомобил, го направиле тоа поради страв од зараза. Може да се очекува дека овие лица ќе продолжат со новостекнатите транспортни навики и после кризата, а тоа долгорочно значи повеќе моторни возила на улиците на Скопје, односно поголеми сообраќајни гужви, повеќе емисии на јаглерод диоксид, зголемено негативно влијание кон климата, повеќе загаденост, и сите проблеми кои следуваат со овој тренд“, велат од „НаТочак“ во однос на спроведената анкета.

Професорот по јавен градски патнички превоз Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола вели дека токму јавниот превоз е еден од секторите кои се најтешко погодени од корона вирусот насекаде низ светот, со намалување на бројот на патници во распон од 50 до 90 отсто. Па така, јавниот превоз во Лион забележал намалување на бројот на превезени патници од 92 отсто, додека во Лондон оваа бројка годинава била помала за 90 отсто, вели Крстаноски. Градскиот превоз ја доживува истата судбина во Скопје како и во другите градови, но и тој смета дека од сега треба да се обмислат мерки што ќе ги стимулираат граѓаните да ја вратат довербата кон јавниот превоз по корона кризата.

Професорот Крстаноски напоменува дека треба да се работи на зголемување на квалитетот на услугата на градскиот превоз, која ќе биде проследена со политика за обесхрабрување на користењето автомобил.

„Главен недостаток кој треба да се реши и важен чекор кон подобрувањето на јавниот градски превоз во Скопје е воведување на нов, брз, високо капацитативен превоз (БРТ, ЛРТ, па да се размислува и за метро систем). Воведувањето на нов брз вид на градски превоз, повлекува и целосна реорганизација на мрежата на линии, што денес исто така е една од слабостите на јавниот градски превоз во Скопје, бидејќи постојната мрежа треба подобро да се прилагоди на урбаниот развој на градот и потребите за движење на граѓаните“, вели професорот Никола Крстаноски за „Мета.мк“.

Со овие мерки, заедно со веќе направениот напредок со примена на АВЛ системот и информациите за патниците од јавниот превоз во реално време, примената на наплата со интелегентни картички и најавата за купување на нови возила, тој очекува не само да се вратат патниците од пред пандемијата, туку и значајно да се зголеми бројот на патници во јавниот градски превоз во Скопје.

Од „НаТочак“ и „Одржливи иницијативи“ пак во заклучокот од анкетното истражување велат дека локалните и државните власти мора итно да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај во корона-кризата за похрабри мерки во јавниот простор. Корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, без разлика на нивниот префериран начин на движење.

Статистичките податоци и пред корона кризата покажуваат дека во Скопје постоел тренд на намалување на користењето на јавниот превоз во период од минимум шест години наназад. Колку за потсетување, градските и приградските линии во 2014 година ги ползувале 57,2 милиони патници годишно, а постојните очекувања се дека до крајот на годинава скопскиот јавен превоз ќе превезе само околу 20 милиони патници на годишно ниво. За сметка на ова, бројот на регистрирани автомобили во главниот град низ годините расте.