fbpx

За првпат по осум години, лани опаднал бројот на регистрирани автомобили во Скопје (инфографик)

-

По осум години континуирано зголемување на бројот на регистрирани автомобили во Скопје, лани за првпат забележано е намалување на патничките моторни возила со скопски регистарски таблички, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2019 година во главниот град биле регистрирани 148.892 автомобили, односно за скромни 592 вакви возила помалку во споредба со претходната година. Забележано е и намалување на вкупниот број на возила во Скопје, од 175.588 во 2018 година на 174.008 возила (автомобили, мотоцикли, автобуси, камиони, трактори и друго) во 2019 година.

Ваквото намалување на моторизацијата на Скопјани се должи првенствено на падот на бројот на автомобили што ги поседуваат жителите на општините Гази Баба, Карпош, Аеродром, Чаир, Шуто Оризари и Бутел.

Наспроти ова, во општина Центар каде што има најголем недостиг на паркинг места и проблеми со сообраќајниот хаос, во 2019 година имало зголемување на бројот на автомобили на 24.544 во 2019 година, наспроти регистрираните 23.415 автомобили во 2018 година. Зголемување на бројот на автомобили лани имало и во општините Кисела Вода и Сарај.

Ваквото изненадувачко намалување на бројот на регистрирани автомобили во Скопје доаѓа паралелно со зголемениот број на регистрирани возила на ниво на целата земја. Имено, во 2018 година вкупно во земјава имало 485.612 возила со македонски регистарски таблички, додека лани овој број се искачил на 495.636 возила.

Паралелните податоци за користењето на јавниот превоз во Скопје покажува дека бројот на патници што се возат во градските автобуси опаѓа од година во година, па се поставува прашањето дали намалувањето на регистрираните автомобили е резултат на зголемената еколошка свест кај граѓаните кои повеќе пешачат и користат велосипед или пак лани во Скопје се возеле повеќе автомобили со странски регистарски таблички.

Она што е евидентно од статистичките податоци е дека за осум години на улиците на главниот град се зголемил бројот на автомобили за над 26.000, што е загрижувачки показател во однос на присутниот сообраќаен хаос, недостигот на паркинг места и загрижувачкото аерозагадување. Податоците на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за 2019 година покажуваат дека бројот на паркинг места со кои управуваат тие во главниот град е за дури 13 пати помал од бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите кои живеат околу нивните паркинзи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...