Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Итни мерки во јавниот простор во насока на стимулирање на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај се потребни во Скопје, покажува онлајн анкетата на 1.615 испитаници спроведена во периодот од 8 до 22 ноември од граѓанската иницијатива НаТочак и Одржливи иницијативи во рамките на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, спроведуван од Еко Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Над 72 отсто од испитаниците се согласни за промена на политиките за јавниот простор. Анкетата покажува дека корона кризата дефинитивно повлекла промена во транспортните навики на скопјани, односно, 28 отсто направиле промена како резултат на појавата на вирусот. Забележлива промена се случила кон активен транспорт (велосипед и пешачење), но и кон индивидуален автомобил.

„Во моментов севкупно сообраќајот и бројот на патувања се намалени (помалку се оди на работа и голем број активности се извршуваат на интернет), но бројот на индивидуални корисници на автомобилот пораснал за 21,56 отсто за време на кризата, а бројот на корисници на јавниот превоз се намалил за 55,43 отсто. Многу (90 отсто) од оние кои споделениот автомобилски или јавниот превоз го замениле со сопствен автомобил, го направиле тоа поради страв од зараза“, се наведува во резултатите од истражувањето.

„За време на кризата се зголемил бројот на луѓето кои пешачат за 22,47 отсто, а на луѓето кои возат велосипед како превоз за 20,88 отсто споредено со оној претходно. А 60 отсто од оние испитаници кои почнале да користат велосипед за време на кризата се од општините со некакви услови за велосипеди (Карпош и Аеродром), а од таму се помалку од половина од испитаниците. Ова сосема јасно ги исцртува мерките против корона, но и против климатските промени, а за здрава животна средина кои мора да се преземат“, велат од иницијативата НаТочак, повикувајќи се на резултатите од анкетата.

Велосипедот треба да заземе поактивно учество во сообраќајот, особено зашто велосипед поседуваат голем број од анкетираните (80 отсто од нив). Три четвртини од оние кои воопшто не користат велосипед одговориле дека би сакале да возат и би возеле кога би имало подобра инфраструктура, безбеден сообраќај и безбеден паркинг.

Дури 72 отсто од оние на кои примарно превозно средство им е автомобилот се согласни за поинакви политики за јавниот простор.

Велосипедот е најсоодветна анти-корона мерка во сообраќајот за 70 отсто од сите испитаници, но и за 63 отсто од оние кои користат автомобил и за 61 отсто од оние кои користат автобус, а истовремено и лесно остварлива, или поинаку кажано, зголемената употреба на велосипеди е втора најостварлива анти-корона мерка после зголемениот број автобуски линии.

Од НаТочак велат дека може да се очекува лицата со новостекнатите транспортни навики да продолжат да ги ползуваат истите и после кризата, а тоа долгоорочно би значело повеќе моторни возила на улиците на Скопје, односно поголеми сообраќајни гужви, повеќе емисии на јаглерод диоксид, зголемено негативно влијание кон климата, повеќе загаденост, и сите проблеми кои следуваат со овој тренд.

„Локалните и државни власти мора итно да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај во корона-кризата за похрабри мерки во јавниот простор бидејќи сите Скопјани, без разлика дали користат велосипед или не, се свесни за значењето на велосипедот, но и со право очекуваат подобри услови, пред сè инфраструктурни, безбедносни и културни“, заклучуваат од НаТочак.