Фото: Арбнора Мемети

Градот Скопје по сите основи на ЈСП-Скопје годинава досега му префрлил над 712 милиони денари, односно над 11,5 милиони евра. Според податоците објавени на open.finance.gov.mk од Министерството за финансии, ЈСП-Скопје како примател во изминативе 10 месеци инкасирало за над 60,4 милиони денари (980.000 евра) повеќе средства од Градот Скопје во споредба со целата 2019 година. Имено, лани од Градот Скопје како давател на средства на сметката на ЈСП-Скопје биле уплатени над 652 милиони денари (над 10,5 милиони евра), покажуваат податоците објавени на оваа он-лајн алатка.

Префрлените средства по сите основи од градските власти до ЈСП не се само за функционирањето на ова јавно сообраќајно претпријатие, туку и за приватните превозници што ги одржуваат градско-приградските линии во Скопје. Зголемувањето на префрлените средства од градските власти доаѓаат во период кога ЈСП-Скопје ги објави податоците за намалениот број на превезени патници во скопскиот јавен превоз, како резултат на ковид-19 пандемијата.

Од ЈСП објавија дека во периодот март-септември 2020 година биле превезени само 12.064.455 патници, додека во истиот период минатата година имало вкупно 32.148.854 валидации во системот за електронска наплата на билети со картичката „Скопска“. Ова фрапантно намалување од речиси 20 милиони патници поради корона кризата предизвика и огромно намалување на приходите остварени од продажбата на билети на патниците, што пак доведува до тоа трошоците за функционирање на скопскиот јавен превоз да мора да се покриваат од градскиот буџет.

Во префрлените над 11,5 милиони евра досега од Град Скопје до ЈСП-Скопје влегуваат и дел од субвенциите во висина од 516 милиони денари (речиси 8,4 милиони евра) што беа предвидени од годинешниот градски буџет за ЈСП и приватните превозници (бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот – 20 милиони денари, обезбедување карти за возрасни лица и студенти – 100 милиони денари, субвенции за потешкотии во работењето – 330 милиони денари, функционирање на АВЛ системот и системот за интелигентна наплата – 60 милиони денари и дополнителни 6 милиони денари доделени со ребалансот на буџетот).

Поаѓајќи од ваквата состојба во која се наоѓа скопскиот јавен превоз поради ковид-19 пандемијата, директорот на ЈСП, Кристијан Чушков во изјава за ТВ „24“ го искажа своето очекување дека владата ќе му излезе во пресрет на јавното претпријатие за да се затворат одредени долгови. Загубата на ЈСП е околу 4 милиони евра, додека од ова јавно претпријатие очекуваат финансиска поддршка од владата.

Прашањето за финансиските загуби што ги трпи ЈСП-Скопје и приватните превозници доаѓа во период кога Комисијата за заразни болести ѝ предложи на Владата на РСМ, а на вчерашната владина седница бeше усвоена мерката за намалувањето на бројот на патници во јавниот превоз до 50 отсто од капацитетот на автобусите. Од друга страна, голем број на граѓани негодуваа во изминатиов период на социјалните мрежи поради гужвите што се создаваат во автобусите од скопскиот јавен превоз на некои линии и во одредени делови од денот, а кои пак може да предизвикаат ширење на корона вирусот во Скопје, кој и онака во изминативе денови прерасна во главно жариште на територијата на целата земја.

„Мета.мк“ испрати прашања до ЈСП-Скопје во однос на негативното влијание на ковид-19 врз функционирањето на скопскиот јавен превоз, но не добивме целосни одговори на поставените прашања.