Јавниот систем за изнајмување велосипеди во Љубљана; Фото: Бојан Блажевски

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ќе продава 4 тротинети, 7 електрични велосипеди и 22 обични велосипеди кои беа набавени за изнајмување од страна на граѓаните, јавува СДК.МК. Станува збор за велосипеди кои беа дел од претходниот проект „Изнајми велосипед“ кој стартуваше во главниот град пред повеќе од 10 години. Освен дека ќе бидат отуѓени по пат на јавно наддавање, од ова јавно претпријатие немаат дадено образложение за донесената одлука.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува дека системот за изнајмување велосипеди во Скопје не функционира повеќе од три години наназад. Со стариот систем, изнајмувањето се вршеше исклучиво со лична карта и со плаќање во готово само на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“, што го правеше користењето на јавните велосипеди мачно за граѓаните, но и не одговараше на нивните потреби за патување поради премалиот број на пунктови низ Скопје.

Од Град Скопје веќе најавија дека главниот град треба да добие нов систем за самоизнајмување велосипеди, кој предвидува поставување на овие превозни средства на 30 пунктови низ Скопје, како и изнајмување на велосипед со СМС порака или кредитна картичка.

Сепак, пред Нова година за „Мета.мк“ градските власти изјавија дека нема да брзаат со имплементација на новиот систем, за да се најде оптимално решение за реализација како не би се повториле грешките од претходниот систем.

Македонскиот главен град е еден од ретките европски градови, во кој општинските власти немаат имплементирано систем за изнајмување велосипеди. Покрај тоа што во многу градови изнајмувањето велосипед е поевтина опција за патување од јавниот превоз за граѓаните, ваквите системи во другите места се идеални и за посетителите на градот, во функција на разгледување на неговите знаменитости.