„Студентски пленум“ денеска го организира првиот студентски реферндум на кој студентите се изјаснуваат какво студентско организирање сакаат. Референдумот се одржува на 20 факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од пленумот велат дека досега гласањето се одвива во мирна, фер и демократска атмосфера и дека има изненадувачки голема излезност.
– Гласањето не почна на Ветеринарен, Земјоделски и на Факултетот за физичка култура затоа што немавме пријавени волонтери. На другите факултети веќе во првиот час имаме голема излезност, на поголемите факултети гласаа од 50 до 100 студенти, а на помалите од 20 до 50 студенти. Очекуваме уште поголема излезност по 12 часот – вели Борјан Ефтимов од „Студентски пленум“.
По завршувањето на референдумот, од пленумот велат дека ќе имаат заеднички состанок со сите студенти и ќе одлучат за наредните акции. Тие, исто така, очекуваат поддршка и од сенаторите.
– Се надеваме дека сенаторите ќе ја препознаат волјата на студентите. Останува на нивната морална одговорност дали ќе застанат зад студентите или некоја невладина организација – додава Ефтимов.
Со вклучување на Студентскиот парламент во организацијата на УКИМ, од пленумот велат дека ќе се постигне поголема контрола на работењето на ова тело и ќе се имплементираат повеќе заштитни механизми во поглед на финансиите.