Во градот Келн во саботата е отворен првиот супермаркет во Германија во кој се продава храна што инаку би завршила во ѓубре, како уште еден чекор кон создавање општество со минимално фрлање ѓубре, јавува „Дојче веле“.
Ова, инаку, е трета таква продавница во Европската Унија. Продавницата „Добра храна“ продава речиси сè – од зеленчуци до пиво, кои ако не се продаваат таму, би биле фрлени или уништени од страна на трговците.
На полиците нема цени – купувачите плаќаат толку колку што мислат дека вреди производот. Продавачите се обврзани да ги известат купувачите кога истекува рокот за употреба, а продавницата е подготовена дури и да преземе законска одговорност ако некој се затруе.
Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации проценува дека околу една третина од произведената храна не се консумира или се фрла, а цената за тоа е 850 милијарди евра на глобално ниво годишно.