Пограничната служба на Европската унија денеска соопшти дека бројот на мигрантите што дошле во Грција нагло опаднал во ноември, што е прво намалување во однос на претходните месеци годинава.
Како причина за намалување на приливот на мигранти во Грција, од Фронтекс ги наведуваат влошените метеоролошки услови и построгите гранични контроли на Западен Балкан.
Во ноември во Грција стигнале 108.000 мигранти, додека претходниот месец стигнале 150.000.
Годинава, до крајот на минатиот месец, пристигнале 715.000 лица, што е за 16 пати повеќе од претходната година, посочуваат од Фронтекс.
Најмногу мигранти стигнале од Сирија, Авганистан и од Ирак.
Од Фронтекс наведуваат дека бројот на мигрантите што од Либија доаѓаат во Италија, во ноември повторно се намалил, односно дека четврти месец по ред се забележува опаѓање.