fbpx

Европратениците порачаа да не се гледа СЈО како да зазема страна во изборите

-

Европарламентарците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан денеска во Скопје, по средбите со политичките партии, граѓанскиот сектор и со Специјалното јавно обвинителство, изразија задоволство од подготовките за спроведување на изборите закажани за 11 декември, како и од изборната атмосфера.

– Средбите со партиите покажаа дека тие се подготвени за фер и транспаретни избори, кои ќе се одржат во атмосфера на доверба и на транспаретност – рече Вајгл и додаде дека позитивно го оценуваат тоа што постои дух на соработка меѓу политичките партии.

Тој истакна дека од лидерите на двете најголеми македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, добил уверување дека изборната кампања ќе мине во најдобра атмосфера и без инциденти.

– Имаме причина да веруваме дека изборите на 11 декември ќе бидат фер и транспарентни и дека ќе бидат почеток на ново време за Македонија. Исто така, по изборите ќе биде време да се признаат резултатите од изборите и да почнат да се спроведуваат реформите кои се дефинирани со Договорот од Пржино, потпишан од сите политички партии – рече Вајгл.

Тој истакна дека имале средба и со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на која ѝ изразиле поддршка за нејзината работа.

– Истакнавме дека дека е важно СЈО да не се гледа како страна, односно заинтересирана страна во изборниот процес, за време на изборите и по нив – рече Вајгл.

Европратеникот Флекенштајн изрази задоволство од средбите со граѓанските организации, како и со организациите што ќе вршат надзор на изборите. Тој посочи дека изборите ќе бидат набљудувани од нив и од меѓународната заедница и изрази уверување дека ова навистина ќе бидат избори со тајно гласање и оти многу Македонци ќе излезат да гласаат. Флекенштајн најави дека една недела по изборите, заедно со колегите Вајгл и Кукан, повторно ќе дојде во Скопје.

Европратеникот Кукан истакна дека очекуваат фер избори кои ќе ѝ помогнат на земјата да излезе од политичката криза и оти новата влада веднаш ќе почне да ги спроведува реформските приоритети, кои се доказ за посветеноста на земјата кон евроинтеграциите.

Европратениците рекоа дека очекуваат резултатите од изборите да бидат прифатени од сите политички партии и посочија дека ќе продолжат да го надгледуваат подготвувањето на изборите, како и самиот изборен ден, заедно со набљудувачката делегација од Европскиот парламент.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...