fbpx

ЕУ се договори за делумно ембарго на увозот на нафта од Русија

-

Лидерите на земјите членки на Европската унија во понеделникот начелно се согласија да го намалат увозот на нафта од Русија до крајот на оваа година за 90 отсто, со што ќе се реши ќор-сокакот со Унгарија во врска со најтешката санкција што треба да ја добие официјална Москва поради војната во Украина, пренесе Ројтерс.

Ова ембарго ја покрива само руската нафта која е транспортирана по море, дозволувајќи привремено ослободување за увозот испорачан по нафтоводите.

Дипломатите рекоа дека компромисниот договор, постигнат за време на самитот во Брисел, го намалува „огромниот извор на финансирање на руската воена машинерија“. Лидерите, исто така, се согласија да ја исклучат најголемата руска банка, Сбербанк, од системот SWIFT, да забранат уште три руски државни радиодифузери и да воведат санкции против лица одговорни за воени злосторства.

„Ова веднаш покрива повеќе од 2/3 од увозот на нафта од Русија, намалувајќи огромен извор на финансирање на нејзината воена машина. Максимален притисок врз Русија да ја прекине војната“, напиша Шарл Мишел во твит на крајот од првиот ден од дводневниот самит на 27-те лидери на блокот.

Две третини од руската нафта увезена од ЕУ доаѓа со танкери, а една третина од нафтоводот Дружба. Затоа, ембаргото за увоз на нафта преку море ќе се применува на две третини од целата нафта увезена од Русија.

Ембаргото ќе опфати 90 отсто од целиот увоз од Русија, откако Полска и Германија, кои исто така се поврзани со нафтоводот, ќе престанат да го купуваат до крајот на годината.

Останатите 10 отсто ќе бидат привремено ослободени од ембаргото, така што Унгарија без излез на море и која беше главната пречка за договорот, заедно со Словачка и Чешка, кои се сите поврзани со јужниот крак на нафтоводот, ќе имаат пристап кој не може лесно да се замени.

Будимпешта, исто така, се чинеше дека добила уверувања од другите лидери дека ќе се применат итни мерки „во случај на ненадеен прекин на снабдувањето“ по загриженоста што ја искажа премиерот Виктор Орбан за ризиците што ги носи рускиот нафтовод што минува низ Украина до Унгарија.

Забраната за увоз на нафта во земјите од ЕУ ќе се однесува на руската сурова нафта што се испорачува со пратки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно во видео порака на Самитот во својот говор пред лидерите на ЕУ изјави дека нивниот шести пакет санкции мора да биде договорен и мора да вклучува нафта.

„За Русија да ја почувствува цената за она што го прави против Украина и цела Европа, и за конечно да станете независни од руското енергетско оружје“, изјави Зеленски.

Тој ги повика лидерите на ЕУ да покажат сила додека работат на усвојување на новите санкции, велејќи дека од внатрешните „кавги“ корист има само за Москва.

„Европа треба да покаже сила бидејќи Русија ја гледа силата само како аргумент“, рече Зеленски на 30 мај во говорот на самитот на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...