АНАЛИЗА: Кои капитални проекти се ставени “под нож” во ребалансираниот Буџет?

Фото: Порталб.мк/Суад Бајрами

Повеќе пари за гасификација, социјални станови, помалку за патишта, железница, водоводна канализација, за изградба на болници, клиники, за медицинска опрема, за реформи во полицијата. Капиталните расходи со ребалансот на Буџетот во однос на сегашниот план се намалуваат за 8,8% и ќе изнесуваат 522,6 милиони евра. Порталб.мк објавува кај кои министерства и агенции колку се крати или додава преку ставката “капитални расходи – развоен дел на Буџетот“:

Кај Министерството за образование и наука. сумите за изградба и реконструкција на основни и на средни училишта остануваат исти, се намалува сумата за изградба на спортски сали во основни училишта додека се зголемува за спортски сали во средни училишта. За изградба и реконструкција на студентски домови сумата останува иста додека се намалува за енергетски ефикасно обновување на студентските домови.

Преку Министерството за труд и социјална политика поголема сума на пари е одвоена за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита и со ребалансот таа ќе изнесува 2,9 милиони евра додека се намалуваат средствата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита (установи за згрижување, центри за социјална работа итн.) и домови за стари лица.

Позначајни кратења има кај Министерството за здравство – конкретно стратешките проекти за реконструкции и изградба на здравствени објекти се намалуваат на 2,9 милиони евра. Се намалуваат и средствата за изградба на Општа болница Кичево а драматично намалување има кај капиталните расходи за изградба на нов Клинички центар во Скопје и во Штип – сведени на само 2 милиони евра од сегашните 9 милиони евра.

Се намалува и сумата за набавка на медицинска опрема и за изградба на амбуланти во рурални подрачја.

Помалку капитални средства преку Министерството за земјоделство се планирани за модернизација на земјоделството – со ребалансот ќе изнесуваат нешто помалку од 700.000 евра, за хидросистемот Злетовица сумата се намалува на 2,4 милион евра а за хидросистемот Лисиче на 388.400 евра, за програмите за наводнување капиталните расходи се намалуваат на 2 милион евра додека зголемување на средствата има за програма за наводнување на Јужна долина на Вардар.

Кратење на парите на 14,8 милион евра има кај Агенција за финансиска поддршка во земјоделството – средства наменети за поддршка на инвестициите во земјоделството и руралните средини.

Во Министерството за економија останува иста сумата за капитални расходи наменета за гасификација, додека мало намалување има кај средствата за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија.

Повеќе пари за изградба на социјални станови – помалку за локални патишта. Преку Министерството за транспорт и врски со ребалансираниот Буџет планирани се нови 3,2 милион евра за изградба на социјални станови, средствата за локални патишта се намалуваат на 8,1 милион евра, за инвестиции во патна инфраструктура се сведуваат на 59,7 милион евра, за изградба на водовод и канализација на 2,8 милион евра. Но, повеќе пари се предвидуваат за гасификацијата – сумата значајно се зголемува на 9,3 милион евра. Под “нож“ и средствата за железничките коридори 8 и 10 – се намалуваат на 25,4 милион евра.

Капиталните расходи во Министерството за надворешни работи се намалуваат на 70.000 евра. Во сите три капитални ставки во рамките на Министерството за одбрана има намалување на средствата, па  така сумата за модернизација на МО се намалува на 2,4 милион евра, за изградба и реконструкција на објекти и инфраструктура на 5,4 милион евра, за интеграција во НАТО износот се намалува на 55,3 милион евра.

Во Министерството за внатрешни работи сумата за реконструкција и опремување на згради – полициски станици, гранични премини, останува иста додека намалување на 6,4 милион евра има за реформи во полицијата.

Во рамки на Министерството за финансии за развојни проекти-финансиска поддршка за општините средствата се намалуваат на 3,9 милион евра, намалување има и на капиталните расходи за регионален развој додека зголемување има за рурален развој.

Кај Министерството за локална самоуправа за рамномерен регионален развој средствата се зголемени на 4,9 милион евра, за Инструментот претпристапна помош ИПА 2 не се планирани воопшто додека кратење има кај капиталните расходи за прекугранична соработка. Повеќе пари за Дојранското езеро ќе добие Министерството  за животна средина кои се искачуваат на ниво од 2,2 милион евра. Позначајно зголемување на капиталните расходи има кај Дирекцијата за слободни економски зони – износот се зголемува на 13,6 милион евра.