fbpx

ЕУ ги вика на итна средба Курти-Вучиќ, НАТО повикува на смирување на тензиите

„Таа средба нема да биде организирана за да се расположи Брисел туку да се разговара за иднината на народот на Косово и Србија. Незаинтересираноста сигурно ќе доведе до последици кои ќе ги погодат граѓаните, а одговорноста е исклучиво на премиерот Курти и претседателот Вучиќ. И на никој друг“, изјави Стано

-

Европската Унија ги повика косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на итна средба во Брисел, но датумот за средбата засега не е утврден поради тоа што ниту една од двете страни не го потврдила своето учество.

Портпаролот на ЕУ, Петар Стано рече дека поканата за разговор е од еврокомесарот за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, додавајќи дека ЕУ очекува од двете страни да ја прифатат поканата.

„Таа средба нема да биде организирана за да се расположи Брисел туку да се разговара за иднината на народот на Косово и Србија. Незаинтересираноста сигурно ќе доведе до последици кои ќе ги погодат граѓаните, а одговорноста е исклучиво на премиерот Курти и претседателот Вучиќ. И на никој друг“, изјави Стано.

Борел ги повика на итен состанок Курти и Вучиќ поради тоа што ситуацијата на терен секојдневно се влошува.

Протести од страна на српската заедница блиска до властите во Белград и денеска се организираше во Лепосавиќ и Митровица. Протестен марш се организираше од Митровица до Звечан, а повод за денешните настани е утринското апсење на лицето У.В., кое од косовската полиција е обвинето за петочните напади врз неколку медиумски екипи што се случија во северниот дел на Косово.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска повика на смирување на ситуацијата меѓу Косово и Србија.

По состанокот со германскиот канцелар Олаф Шолц, Столтенберг рече дека двајцата разговарале и за ситуацијата во Косово.

„Посветеноста на НАТО на нашиот мандат во Обединетите нации е непоколеблива. Нашите сили [мисијата на НАТО во Косово, КФОР] ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово“, изјави Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО побара од Приштина и Белград да не преземаат никакви чекори кои би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата и ги покани да се вратат на дијалогот за нормализација на односите со посредство на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...