ЕУ бара македонските власти итно да ги имплементираат проектите за управување со отпад на терен

„Ургентно ги повикуваме институциите да поработат на имплементацијата, за проектите успешно да се реализираат на терен за да имаме видлив ефект во справувањето со сериозниот проблем на управување со отпадот“, рече Худини

Дива депонија во скопско Лисиче; Фото: Мета.мк

Шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, Стефен Худолини го повтори ставот на Европската Унија до македонските институции под најитно да отпочнат со практична имплементација на проектите за управување со отпад на терен. Худолини денеска порача оти ЕУ за земјава издвојува значајни средства за животната средина, особено во делот за управување со отпад.

„Но, заостануваме со имплементацијата. Ургентно ги повикуваме институциите да поработат на имплементацијата, за проектите успешно да се реализираат на терен за да имаме видлив ефект во справувањето со сериозниот проблем на управување со отпадот во Северна Македонија“, рече Худолини.

Тој заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска беа на официјалниот настан за отпочнување на проектот „Поддршка во спроведувањето на законодавството за управување со отпад и шемата за проширена одговорност на производителот“, кој е нова поддршка на ЕУ во вредност од 1 милион евра. Преку овој проект, ќе треба да се хармонизира македонското законодавство со она на ЕУ.

Министерката Каја Шукова вели дека во рамките на овој твининг проект со помош на  администрациите на Унгарија и Австрија како наши партнери ќе се подобрува имплементацијата на закони во делот на управувањето со отпад.

Таа додава дека со хармонизирањето на законодавството во делот на проширена одговорност, ќе треба сериозно да се поработи во делот на намалување на количините на отпад коишто финално се одлагаат на депониите. ЕУ преку најновиот проект ѝ помага на земјава да биде подобро подготвена за усогласување со европската регулатива кога станува збор за управувањето со отпад и рециклирањето.

Инаку, реакциите на Худолини доаѓаат првенствено по одолговлекувањето на проектот за изградба на современата регионална депонија по ЕУ стандарди за Источниот и Североисточниот регион, која како проект е целосно финансирана од ЕУ со неповратни средства. Ваквата реакција за спората изведба на регионалните депонии претходно беше нотирана и во последниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија на патот кон ЕУ за 2022 година на Европската Комисија, која побара од македонските власти годинава да се посветат на овој проект.

Кочењето на регионалната депонија во Свети Николе стигна до Извештајот на ЕК

Министерството за животна средина во април годинава се одлучи да му ги одземе ингеренциите на Општината Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев, за управување со јавното претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Одлуката на Министерството следува откако Општината и градоначалникот не ја прифатија предвидената локација на која треба да се изгради регионалната депонија во овчеполското село Мечкуевци, односно ја кочеа реализацијата на проектот.

Од ова министерство во април информираа дека тендерската постапка за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија за Источниот и Североисточниот регион треба да заврши до крајот на годинава, а од наредната да се започне со градба. Од МЖССП информираа дека урбанистичко-планската документација е изработена и е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерството за финансии и Делегацијата на Европска унија.

Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на Општината Свети Николе за регионалната депонија за отпад