САД не спровеле државен удар во Украина во 2014 година и не се виновни за депопулацијата на Украина, како што сака тоа да го прикаже објавата која ја анализираме. Точно е дека Украина има најголема смртност и најмал наталитет во последната година, но тоа, како што покажуваат анализите на украинските официјални институции, се должи на руската инвазија, а не на Америка. Во последните две години морталитетот особено е зголемен во регионите кои се на првата линија на фронтот и кои се честа мета на руските напади, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Америка спровела државен удар во Украина во 2014 година и оттогаш е виновна за депопулацијата во оваа држава.
Ако депопулацијата на Украина беше главната цел на државниот удар на американскиот режим во Украина во 2014 година, тогаш тие сигурно успеаја во тоа. Украина е прва по стапка на смртност и последна по стапка на наталитет низ целиот свет. Морбидно, се наведува во објавата.
Според историчарот од Лавов, Јарослав Хрицак, ова претставуваше:
Револуција на генерацијата која може да се нарече модернистичка за украинската независност, револуција на млади луѓе кои се многу образовани, луѓе кои се активни на социјалните мрежи, кои се мобилни и 90 проценти имаат факултетска диплома, но немаат иднина.
Западот не спроведе државен удар во 2014 година, ниту пак, ги организирал протестите. Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на фрустрацијата на Украинците кон тогашниот претседател Јанукович, односно неговата одлука во последен момент да ја смени насоката и после седум години преговарања да не го потпише Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Рускиот притисок го запре напредокот на приближувањето на Украина кон ЕУ.
Она што се случува во Украина сега, нема никаква врска со некаков државен удар од Западот, туку е поради фактот што Русија во февруари 2022 година ја нападна Украина со цел да приграби други делови од нејзината територија.
Објавата понатаму, повикувајќи се на извештај на ЦИА, посочува дека во Украина се спроведува депопулација, дека оваа држава е прва по стапка на смртност и последна по стапка на наталитет низ целиот свет, и за тоа ги обвинува САД. Но анализите го говорат спротивното, дека руската воена инвазија е виновна за намалената депопулација, а не Америка.
Имено, точно е дека Украина има најголема стапка на смртност и најниска стапка на наталитет во светот и тоа е наведено во извештајот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), пренесува Киев пост. Извештајот покажува дека стапката на смртност во Украина изнесува 18,6 на илјада луѓе, што е највисока во светот. Литванија е на второто место по смртност со 15,02 промили, а по неа е Србија со 14,9. Русија е на деветтото место со 14 смртни случаи на илјада луѓе.
Дополнително, извештајот на ЦИА открива дека Украина има најниска стапка на наталитет на глобално ниво, со само шест родени деца на илјада луѓе, ставајќи ја земјата на дното на рангирањето (228-мо место). За споредба, највисоката стапка на наталитет е забележана во африканските земји, а на врвот на листата е Нигер со 46,6 родени на илјада граѓани.
Според Opendatabot, цитирајќи податоци од Министерството за правда на Украина, во првата половина на 2024 година се родени 87.655 деца – што е намалување за 9% во споредба со истиот период минатата година. Спротивно на тоа, во истиот период се регистрирани 250.972 смртни случаи.
Стапката на наталитет оваа година е намалена за 1,5 пати во споредба со нивоата пред инвазијата: 87.655 деца во 2024 година, во споредба со 132.595 во 2021 година, се вели во извештајот.
Стапката на наталитет останува критично ниска во регионите кои се на првата линија на фронтот: само 221 дете се родени во регионот Херсон, а 702 во Доњецк. Имено, ниту едно бебе не е регистрирано во регионот на Луганск во првата половина од годината.
Според државната новинска агенција Укринформ, повикувајќи се на Министерството за здравство, стапката на наталитет во Украина се намалува за околу 7% годишно од 2013 година, а целосната руска инвазија уште повеќе ја влошила ситуацијата.
Во 2023 година, месечно се раѓаа во просек околу 16.100 бебиња. Пред целосната инвазија, месечните раѓања флуктуираа помеѓу 21.000 и 23.000, објави Министерството, пренесува Киев пост.
Најмногу смртни случаи помеѓу јануари и јуни 2024 година се регистрирани во Днепропетровската област (26.374), североисточна Харковска област (17.999) и јужна област Одеса (16.085). Сите три региони се густо населени и нивните главни градови се меѓу најголемите во Украина, иако тие исто така трпат редовни руски напади, пишува Киев индипендент, повикувајќи се на податоците на Opendatabot.
Емиграцијата и бегалците се уште еден клучен фактор што ја продлабочува демографската криза во Украина. Над 6 милиони Украинци остануваа во странство, откако ја напуштија земјата како резултат на масовната руската воена агресија. Се очекува уште околу 700.000 луѓе да ја напуштат Украина во 2024-2025 година, додава Киев индипендент.
Од сето ова можеме да заклучиме дека САД не спровеле државен удар во Украина во 2014 година и не се виновни за депопулацијата на Украина, како што сака тоа да го прикаже објавата која ја анализираме. Точно е дека Украина има најголема смртност и најмал наталитет во последната година, но тоа, како што покажуваат анализите на украинските официјални институции, се должи на руската инвазија, а не на Америка. Во последните две години морталитетот особено е зголеме во регионите кои се на првата линија на фронтот и кои се честа мета на руските напади.
Поради тоа, оценуваме дека објавата е делумно невистинита.