Апликациите за Чивнинг стипендиите за студирање во Обединетото Кралство се официјално отворени од 6 август до 5 ноември 2024 година. Потенцијалните кандидати можат да ги поднесат своите апликации на chevening.org/apply, потсетуваат од Министерството за образование и наука.
Чивнинг стипендиите се доделуваат на лица од секаков профил кои можат да покажат дека ја имаат посветеноста и вештините кои се потребни за да станат идни лидери. Апликантите мора да имаат реална и остварлива идеја со која ќе создадат позитивна промена во својата земја. Дополнително, мора да се во состојба да покажат како магистерската диплома стекната во Обединетото Кралство ќе им помогне да ја реализираат нивната идеја.
Стипендиите даваат можност за посетување на едногодишни магистерски студии на универзитетите во Обединетото Кралство за лица со докажан потенцијал да станат идни лидери, лица кои ќе донесуваат одлуки и ќе го формираат јавното мислење.
Стипендијата нуди целосна финансиска поддршка со која им се овозможува на стипендистите да се посветат на стекнување на магистерска диплома на над 150 универзитети во Обединетото Кралство, при што истовремено ќе им се овозможи пристап до широк спектар на ексклузивни академски, професионални и културни искуства.
Уште од самото формирање на програмата во 1983 година, над 57.000 професионалци ги унапредиле своите кариери преку Чивинг. За академската 2025/2026 година, околу 1.500 стипендии се достапни на глобално ниво, што ја покажува посветеноста на Обединетото Кралство за развој на лидери.
Стипендистите кои ќе добијат стипендии за студирање и за истражувачка работа како и дипломираните стипендисти на Чивнинг ги користат вештините и знаењата што ги стекнуваат додека студираат во Обединетото Кралство да поттикнат промени кога ќе се вратат дома, стануваат лидери и креатори на промени, помагаат во создавањето на свет кој ќе биде подобро место за живот, работа и напредок“.
„Чивнинг го претставува најдоброто од Обединетото Кралство и светот, а нашите стипендисти стануваат дел од глобалната Чивнинг мрежа од над 57.000 дипломирани стипендисти. Постојано сум инспирираа од страста и посветеноста на луѓето од Чивнинг заедницата и со нетрпение очекувам да ги добијам апликациите од следната генерација лидери“, изјави Ема Хенеси, раководителката на Одделот за стипендии во Министерството за надворешни работи.
„Ако сте подготвени да ги предводите промените, без разлика дали станува збор за промени на локално или на глобално ниво, ако сакате да сте најдобри во она што го работите и имате имагинација да ги инспирирате другите, тогаш стипендијата Чивнинг би можела да биде совршена можност за вас“, изјави амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон.
Подетални информации во врска со критериумите за подобност и спецификите за стипендијата може да се најдат на овој линк.