На страницата на Министерството за надворешни работи нема споменување на смрзнување на договор за борбени авиони, откако бил уапсен Павел Дуров, основачот на апликацијата Телеграм, наводно близок пријател на синот на премиерот на Обединети Арапски Емирати. Било изработено и неверодостојно, лажно видео во кое се претставува како медиумот Ал Џезеира да известила за наводното откажување на договорот за купување на 80 француски борбени авиони
Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде и овде) каде пишува дека наводно Обединетите Арапски Емирати го замрзнале договорот за купување на 80 француски борбени авиони откако бил уапсен Павел Дуров основачот на апликацијата Телеграм. Дуров според објавата бил и близок пријател на синот на премиерот на Обединети Арапски Емирати.
Министерството за надворешни работи на Обединети Арапски Емирати на 26 август испрати соопштение во кое наведува дека одблиску го следи случајот на својот приведен државјанин Павел Дуров. Оттаму додадоа дека пратиле барање до Владата на Франција да му се овозможат на Дуров сите конзуларни услуги на итен начин.
Меѓутоа, како што пишуваат проверувачите на факти на Фул Фект, нема докази дека Обединетите Арапски Емирати замрзнале каков било договор со француски производители на авиони. Нема споменување на смрзнување на договор за борбени авиони каде било на страницата на Министерството за надворешни работи, пишува Фул Фект.
Во 2021 година беше потпишан договор за купување на 80 француски борбени авиони од страна на Обединети Арапски Емирати. Договорот беше потпишан после дводневната посета на претседателот на Франција Емануел Макрон, кој исто така ги посети Катар и Саудиска Арабија. Оттогаш сериозните професионални медиуми немаат известувано на темата, а уште помалку за некакво замрзнување на договорот.
Како што пишуваат проверувачите на факти на уште еден сервис за проверка на факти, Лоџикали, непосредно по приведувањето на Павел Дуров, било изработено и неверодостојно, лажно видео во кое се претставува како медиумот Ал Џезеира да известила за наводното откажување на договорот за купување на 80 француски борбени авиони. Такво видео постои, ама не е веродостојно, односно станува збор за фотомонтажа со којашто медиумот нема никаква врска, односно нивните лого име и симболи се злоупотребени за манипулирање и ширење невистини.
Проверувачите на факти на српски јазик Истиномер пишуваат дека нема докази оти Обединетите Арапски Емирати го замрзнале договорот со француските производители на авиони, а дека Алџезеира демантирала дека објавила таков видео прилог.
Основачот и директор на Телеграм, Павел Дуров беше уапсен на 25 август годинава на аеродром северно од Париз. Оттогаш тој е под официјална истрага поради сомнеж за соучесништво во овозможување на нелегални трансакции, трговија со дрога, измами и ширење фотографии со сексуално злоставување на деца. Во Франција ставањето под формална истрага, не значи вина или осуда, ниту пак нужно резултира со судење, но укажува дека судиите сметаат дека има доволно предмети за да се продолжи со истрагата, наведува Би-Би-Си.
Според мислењето на критичарите, Телеграм дозволува и значително олеснува во ширењето на дезинформациите во групите каде има и до 200 илјади членови, додека на корисниците им овозможува да споделуваат теории на заговор, неонацистички содржини и други спорни содржини, пишува Истиномер.
Неодамна во Обединетото Кралство апликацијата беше испитувана поради веб хостинг од крајно десничарски канали кои биле клучни во организацијата на насилни нереди во англиските градови.
Телеграм навистина отстрани некои групи, но стручните лица за сајбер безбедност велат дека системот на модерирање на екстремистичките и нелегални содржини на оваа платформа „е во целина значајно послаб од системот на другите компании за социјални мрежи и апликации за праќање пораки“.
Дуров е роден во Русија а пред апсењето живеел во Дубаи каде се наоѓа и седиштето на компанијата Телеграм. Тој денеска има и државјанство и на Обединетите Арапски Емирати и на Франција.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.