Унгарското претседателство со ЕУ предизвика контроверзии

Се поставува и прашањето за олеснетиот визен режим на Унгарија за руски граѓани, како и натамошното остварување на санкциите кон Русија, кои треба да се обновуваат секои шест месеци, пишува Малинка Ристевска-Јорданова во колумна за „Порталб“

-

Унгарското претседателствување со ЕУ предизвика контроверзи одамна пред неговиот почеток, поради познатите различни ставови на Унгарија на гео-политички план, како и досието во владеењето на правото. Се дискутираше дури за тоа, дали и како може да се „прескокне“ една држава членка во редот да го преземе претседателството. Дали не можеше да се најде начин за тоа, или едноставно се пресмета дека помал ризик е да се издржи шестмесечното претседателствување на Унгарија, но Унгарија си остана во редот и го презеде претседателството во јули оваа година. Уште самиот почеток беше „бомбастичен“, пишува Малинка Ристевска-Јорданова во колумна за „Порталб“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Посетите на Русија и Кина во јули, ненајавени на партнерите во ЕУ, предизвикаa остра реакција. Унгарскиот премиер Орбан ги претстави овие посети како мировна мисија, истакнувајќи дека неговата земја е единствената, како членка на НАТО и ЕУ, која може „да разговара со сите“. Високиот претставник за надворешна политика на Унијата Жозеф Борел побрза да се огради од овие постапки на претседавачот на ЕУ, истакнувајќи дека Орбан нема мандат за тоа и дека посетите не се во капацитет на претседавач на Унијата, туку во рамки на билатералните односи меѓу Унгарија и тие земји. Европскиот парлaмент, пак, во своја резолуција, ги оцени како „фрагрантно кршење на договорите за ЕУ и заедничката надворешна политика“.

Контроверзна беше и средбата на Орбан со Доналд Трамп, чие мото Унгарија го копираше за нејзиното претседателство: „Да ја направиме ЕУ повторно голема“. Според досегашното досие, резултатите одат во спротивна насока, поради изразените разлики во заедничката надворешна и безбедносна политика. Ваквиот почеток даде тон на претседателствувањето досега, а секако ќе има влијание и во преостанатите повеќе од половина од мандатот.

Европската комисија веднаш реагираше со решение на состаноците во организација на унгарското претседателство да не испраќа комесари, туку пониско ниво на претставници на Комисијата. И кај државите членки има таква тенденција, но некои сметаат дека треба да се биде присутен на високо ниво на состаноците, токму затоа да може да се каже она што треба да се каже на состаноците од високо политичко ниво и да се влијае на претседателството. Со организацијата, кон крајот на август, на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана од страна на Борел во Брисел наместо од страна на унгарското претседателството во Будимпешта проблемот и натаму се разгорува. Унгарија и натаму ја блокира осмата транша од 6 милијарди евра од помошта за Украина (вкупно тешка 50 милијарди евра).

Се поставува и прашањето за олеснетиот визен режим на Унгарија за руски граѓани, како и натамошното остварување на санкциите кон Русија, кои треба да се обновуваат секои шест месеци. Со интензивирањето на активностите на Унијата по летните одмори, сé поприсутна е и загриженоста за тоа како натаму ќе се одвиваат работите. Загриженост се изразува особено во однос на организацијата на состанокот на Европската политичка заедница кој треба да се одржи во Будимпешта на 7 ноември 2024 година. Истовремено треба да се одржи и неформален самит на лидерите на ЕУ.

Неизвесност е присутна и во однос на форматот и нивото на Самитот на Еврозоната закажан за 13 и 14 септември во Будимпешта и кој вообичаено се одржува на високо ниво, со највисоките претставници на сите релевантни финансиски институции. Инаку, иако законодавните активности во транзиционен период на институциите на ЕУ не се многу интензивни, секако дека постојните проблеми ќе имаат влијание и врз овој сегмент на дејствувањето на Претседателството, особено во сферата на главниот прокламиран приоритет на унгарското претседателство – подигање на конкурентноста на ЕУ. Што се однесува до постапките за избор на новата Европска комисија, формално нема место за пречки, но може да се очекува заострените односи да остават свој печат и на овој процес.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...