Филозофскиот факултет ги повлече новововедените трошоци за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, што студентите на овој факултет требаше да ги плаќаат при запишувањето на претстојниот зимски семестар.
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) соопшти дека ваквата одлука била донесена во координација со деканот на овој факултет.
Според студентското собрание, наместо 5.600 денари колку што биле предвидени претходно, студентите сега ќе плаќаат 2.800 денари на годишно ниво за дополнителни трошоци, покрај партиципацијата.
„Филозофскиот факултет повеќе нема да наплаќа надоместоци кои до сега се наплаќале од страна на сите студенти на прв и втор циклус студии за испити по семестар, за факултетско студентско собрание по семестар, за пријавување на дипломски испит и за прирачник. Исто така, повеќе нема да се наплаќаат надоместоци за задоцнета заверка на семестар, како и заверка на семестар без потпис, надоместоци кои во изминатиот период ги плаќаа поголем број на студенти“, се вели во соопштението што го сподели УСС УКИМ.
Додаваат дека, во согласност со новодонесениот Анекс на Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус студии (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии), Филозофскиот факултет повеќе нема да наплаќа определени услови кои претходно ги наплатувал, а меѓу нив: полагање на испити за студенти од прв циклус (300 денари по семестар), пријавување на дипломски испит (500 денари), заверка на семестар после рокот (1.000 денари), заверка на семестар без добиен потпис од еден предметен наставник (500 денари) и друго.
Мета.мк минатата недела објави дека се усогласуваат давачките што ги плаќаат студентите на УКИМ, што за студентите на некои факултети ќе значи зголемување на трошоците.
Таков беше случајот со Филозофскиот факултет, кои до минатата година, при запишување на зимскиот семестар, покрај партиципацијата, плаќаа дополнителни 1.150 денари.
Во насоките за запишување на новиот семестар што студентите ги добиле на мејл претходно месецов, покрај задолжителните трошоци од 750 денари за информатички, културни и спортски активности (ИКСА) и 100 денари за запишување и заверка на семестар, студентите забележале две нови точки по кои треба да извршат уплата: 2.000 денари за „онлајн ресурси за реализација на студиска програма“ и 800 денари за „Набавка на материјални ресурси за реализација на студиска програма“.
Одредени зголемувања на трошоците се забележани и на Економскиот и Правниот факултет.
По најавата за зголемување на трошоците, со реакција излезе студентското собрание на УКИМ, од каде порачаа дека имаат разбирање за предизвиците со кои се соочува универзитетот, но дека финансиските трошоци не треба да се пренесат на студентите, туку да бидат покриени од страна на Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и други државни фондови.
„Образованието мора да остане достапно за сите, без оглед на економските предизвици“, стоеше во реакцијата на студентите од УСС УКИМ.