Пензионер на 78 годишна возраст од Облешево, кочанско, заболел од западно-нилска треска, па починал една недела откако бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова е прв смртен случај во земјава од оваа болест, а е четврти евидентиран случај на заболен.
Како што информираат во ИЈЗ, првичните симптоми кај пациентот започнале на 9 овој месец, со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10 септември со возило од Итна медицинска помош е испратен во болницата во Штип, каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен на Клиникатра за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители. Потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација при КИБФС“, информира ИЈЗ.
Инаку, првиот случај импортиран, е регистриран во април годинава, кај жител на општина Василево. Вториот случај е исто така импортиран, е евидентиран во јули кај жител на Кочани. Третиот случај е автохтон, во месец август 2024 година, кај жител на Тетово.
„Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот и од медицинската документација од КБ Штип и инфектолози од КИБФС. Пациентот е пензионер, се занимава со земјоделство, татко на 2 деца, вдовец, кој живее во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење (низ РСМ) во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми. Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, а во општина Чешиново-Облешево досега не се спроведени активности за дезинсекција“, информира ИЈЗ.
Оваа болест во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста. Вектор преносливите заболувања стануваат се поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести.
„Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Р. С. Македонија (лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија и др.), а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата. Имајќи го во предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на Р.С. Македонија. Постои среден ризик за населението во пролетно-летниот период, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции“, апелира ИЈЗ.